Се чини дека Северна Кореја развива боеви глави способни за продор на ракетниот штит кој го чува небото над Јапонија, изјави јапонскиот министер за одбрана.
Јапонскиот министер Такеши Иваја изјави дека Јапонија верува дека ракетите кои неодамна биле тестирани од страна на Пјонгјанг се нови балистички проектили со краток домет кои теоретски би можеле да ги „надмудрат“ постоечките одбранбени системи.
Неодамнешните тестирања на ракети од Северна Кореја го активираа алармот во соседна Јапонија дури и откако американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли информациите за лансирањето и ги означи како неточни. Јапонија и САД инаку имаат во Јапонското море распоредено разурнувачи „Егис“ вооружени со ракети за пресретнување, создадени да уништуваат боеви глави во воздух.

Јапонија исто така планира да направи две копнени лансери на проектили за да го зајакне својот штит од балистички проектили. Тие одбранбени системи, меѓутоа, се направени за да пресретнуваат проектили кои се движат по предвидена траекторија, што значи дека пресретнувањето на проектилите со било каква варијација на траекторијата на летот ќе стане „незгодно“ за Јапонците.
Во тек е детална анализа на најновите севернокорејски лансирања која ја спроведуваат јужнокорејските експерти заедно со американските, изјави во вторникот функционер од јужнокорејското министерство за одбрана.
Советот за безбедност при Обединетите нации денес на затворен состанок на барање на Германија, Франција и Велика Британија расправаше за постапките на Северна Кореја. Трите земји ги осудија властите од Пјонгјанг и „новите, провокативни лансирања“, означувајќи ги како кршење на резолуцијата на Советот за безбедност.

„Меѓународните санкции мораат да останат на сила и во потполност ќе се применуваат се додека не биде отстранета нуклеарната и балистичката ракетна програма на Северна Кореја. Од витално значење е Советот за безбедност да покаже единство во почитувањето на сите резолуции“, стои во заедничкото соопштение на Германија, Франција и Велика Британија.
Саботните тестови во Северна Кореја следуваа откако од Сеул соопштија дека се прекинува пактот за размена на воени разузнавачки податоци со Токио, додека се влошуваат односите помеѓу двете земји. Министерот Иваја и другите јапонски функционери ја нарекоа ваквата одлука на Сеул „ирационална“ поради заканата од Северна Кореја која расте.
Ким гради и подморница за лансирање на ракети?
Сателитските фотографии откриваат дека Северна Кореја гради подморница која може да лансира ракети и можеби се подготвува за такви тестирања. Ова го заклучија и експерти кои што ги анализираа најновите сателитски снимки.
Фотографиите направени на бродоградилиштето „Синпо“ во текот на вчерашниот ден ги потврдуваат извештаите на севернокорејските медиуми за „новоизградената подморница“ која во јули ја посети и лидерот Ким Јонг Ун, велат Џозеф Бермудез и Виктор Ча од проектот “Beyond Parallel” кој е финансиран од Центарот за стратешки и меѓународни студии “CSIS”.
На фотографиите се прикажани помошни пловила и дигалка наменета веројатно за ракетите, но двајцата аналитичари изјавија дека засега е нејасно кога би можел да се изврши тестот, нагласувајќи дека моментално „нема сигурни докази дека тоа може да се случи во краток рок“.
Иако севернокорејските власти тврдат дека подморницата е веќе готова, аналитичарите велат дека треба да помине околу една година или повеќе за подморницата да биде тестирана и да биде целосно во функција.
Сепак, упорните активности на тоа место во последните три години сигнализираат дека Северна Кореја се приближува кон можноста која на режимот од Пјонгјанг би му дала алтернативно средство за испорака на нуклеарно оружје, кое на САД и сојузниците би им било комплицирано за да го следат.

„Изградбата и пуштањето во погон на подморница со балистички проектили би претставувало значаен напредок на севернокорејската балистичка и нуклеарна закана и би го искомплицирало одбранбеното планирање во регионот со оглед на потешкотиите за следење на подморница“, велат аналитичарите.
Најновите фотографии укажуваат на тоа дека Северна Кореја остварува вистински напредок во развојот на вториот дел на нуклеарната тријада, со што се приближува кон тоа да стане нуклеарна сила, се согласуваат аналитичарите.