Судијката Славица Андреевска денеска ги изрече пресудите за седуммината обвинети за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села во Собранието на РМ на 27 април минатата година.
Кире Ѓорѓиевски доби 13 години затвор, Андреј Мицов 10 години и шест месеци, Оливер Ошавковски 10 години и шест месеци, Николче Димитриевски 10 години и шест месеци, Александар Јаневски – Тошта 13 години, Никола Војминовски 13 години и шест месеци и Коста Делев 10 години и шест месеци.
Опишувајќи кој и како го извлекол Села од Прес-центарот во Собранието и како го удирале по глава и тело, судијката рече дека обвинетите со умисла се обиделе да го лишат од живот пратеникот Села.
Во затворските казни, како што рече судијката Андреевска, ќе им биде пресметано и времето поминато во притвор.
Обвинителот Дарко Јакимовски по изрекувањето на пресудата побара до правосилноста на пресудата обвинетите да останат во притвор. За Војминовски и Јаневски, тој побара да им се одреди мерка куќен притвор, поради влошена здравствена состојба.
Адвокатот на обвинетиот Андреј Мицов пак побара куќен притвор за него поради лоша здравствена состојба со респираторните органи.
Судечкиот совет го прифати предлогот на обвинителот Јакимовски, а го отфрли на адвокатот на обвинетиот Мицов, бидејќи како што рече судијката Андреевска, во затворската установа има услови обвинетиот да го добие здравствениот третман.
Рочиштето за изрекување на пресудата почна со задоцнување, бидејќи се чекаше полицијата да го донесе Александар Јаневски-Тошта од куќен притвор.
На изрекувањето на пресудата во судницата не беше присутен пратеникот Зијадин Села.
Против изречената пресуда странките имаат право на желба до Апелацискиот суд Скопје.
Во едно од претходните судења за овој случај на Стојан Павлевски му беше изречени казна затвор од три години, а на Цејо Георгиевски една година и два месеца.
Првично во овој случај беа обвинети десетмина, но Обвинителството пред да се започне со завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков, за кого обвинителот посочи дека нема доволно докази оти го сторил делото.