Салвини: ќе им помагаме само на Италијанците, а мигрантите нека си ги чува Германија

857

Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини уште еднаш го привлече вниманието на светската јавност откако остро ги нападна германските и шпанските власти поради мигрантите.

Италија нема да ги прима барателите на азил кои што Германија ги враќа, а Шпанија ќе треба да ги прифати следните четири бродови со мигранти, затоа што досега не ги исполнуваше своите обврски во врска со прифаќањето на мигранти. Ова го порача новиот италијански министер за внатрешни работи, десничарот Матео Салвини.

„Италијанската влада ќе им помага само на Италијанците“, порача во Рим првиот човек на италијанската десничарска Лига. „Значи, наместо да прифаќаме, спремни сме да се ослободиме од тие што веќе се тука“.

Коментарите на Салвини се одговор на плановите на германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер кој што исто така е анти-мигрантски расположен и има намера да ги врати мигрантите кои што се одбиени за азил од германските граници во некоја друга земја од Европската унија.

Сепак, Салвини јасно порача дека Италија нема да ги прими мигрантите чии што барања за азил се одбиени, а со оглед на тоа што веќе е јасно дека нив нема да ги прифаќа ниту Австрија, Унгарија а можеби и Франција, нивната иднина е прилично неизвесна.

Салвини предложи Шпанија да ги прифати следните четири бродови со мигранти „спасени“ во либиските води од бродовите на невладините организации, затоа што властите од Мадрид досега не ги исполниле своите обврски: „Шпанија требаше да прими 3,265 баратели на азил, а до денес има примено 235, што значи дека може да ги прими следните четири бродови“.

На прес-конференцијата после средбата со австрискиот колега Херберт Кикл, Матео Салвини испрати и порака до Брисел, односно до челниците на Европската унија.

„Бараме од Европа да обезбеди повеќе луѓе и средства за одбрана на Медитеранот“, нагласувајќи дека во новата операција на „Фронтекс“ наречена „Темис“, учествуваат 32 бродови од кои дури 30 се италијански, па затоа се чудел зошто воопшто се вика европска, а не италијанска.

„Ако некој во Европа мисли дека Италија и натаму ќе биде бегалски камп, многу се лаже. Италија ќе им помага само на Италијанците“, изјави Салвини кој што исто така најави и попис на Ромите и депортација на сите кои што нема да имаат италијанско државјанство.