“Ти благодарам Ричард! Одведи ги мигрантите во Холивуд со твојот авион, па поддржувај ги во своите вили”

211

Заменик премиерот на Италија, Матео Салвини, му порачал на американскиот актер Ричард Гир дека би можел со својот приватен авион да ги префрли мигрантите во Холивуд и да ги смести во својата вила.

Салвини тоа го изјавил вчера, откако холивудскиот актер претходно во текот на вчерашниот ден ја повикал италијанската влада да престане со “демонизирање на луѓето” и наместо тоа да им помогне на мигрантите кои се заглавени на Медитеранот на брод со кој управува шпанска хуманитарна група.

Гир вчера, во знак на поддршка, ги посетил мигрантите на бродот “Open Arms”. Салвини го нарекол Гир “великодушен милионер” и му се заблагодарил што изразил загриженост поради судбината на мигрантите на бродот “Open Arms”.

“Би можел да ги одведе во Холивуд со својот приватен авион и да ги поддржува во своите вили. Ти благодарам Ричард”, навел во соопштението Салвини, пренесува британски “Express”.

Гир претходно, на прес-конференција на италијанскиот остров Лампедуза, ја споредил политичката ситуација во Италија со таа во САД.

“Ние имаме наши проблеми со бегалци кои доаѓаат од Хондурас, Салвадор, Никарагва, Мексико…Многу слично на ова низ кое минувате и вие”, рекол Гир, обвинувајќи ги политичарите во САД и Италија за демонизација на мигрантите.

На бродот “Open Arms” сега има 160 мигранти, на кои Гир вчера им однел кутии полни со овошје и разговарал со неколку лица кои побегнале од Либија.

Познатиот актер го повикал светот да пружи поддршка и да им помогне на луѓето кои се наоѓаат на бродот, нарекувајќи ги “браќа и сестри”.

“Open Arms” се наоѓа на меѓународни води во близина на италијанскиот остров Лампедуза, откако не му било дозволено да се закотви на пристаништата во Италија и Малта.

Гир е познат по хуманитарната работа и учествува во кампањи за заштита на животната средина.

Актерот отишол во Италија кога слушнал за веста за заглавениот брод со мигранти и ја контактирал шпанската група “Open Arms” и прашал како може да помогне.

Два дена подоцна, Гир пристигнал во Лампедуза.

“Најважно за овие луѓе е да може да добијат слободно пристаниште, да се истоварат од бродот, да дојдат до копно и да започнат нов живот”.

loading...