Робот ќе оперира луѓе во нашиот регион, неговата цена – 2 милиони евра

890

Во современата медицина се повеќе оперативни зафати вршат роботи, наведува “HINA”, која пренесува дека Хрватска наскоро, со помош на бесповратни средства од ЕУ фондовите, би требало да го добие првиот хируршки роботски систем во Клиничко болничкиот центар во Загреб.

Агенцијата наведува дека со помош на тој систем ќе оперираат и хирурзи од други болници и ќе се едуцираат млади лекари.

Се наведува дека во КБЦ Загреб се основа Национален роботски центар, кој би требало да почне со работа на пролет наредната година. Роботот чини околу два милиони евра, а пред шест месеци средствата за негова набавка биле обезбедени од ЕУ фондовите.

Хрватскиот министер за здравство Милан Кујунџиќ изјавил дека со помош на роботот најмногу се оперира карцином на простата, но и сите тумори во стомакот и градниот кош, а се вршат и гинеколошки операции.

“Роботот овозможува урологот да биде максимално прецизен и онколошки да ја отстрани простатата со тумор, а потоа да ги поштеди останатите важни структури во карлицата, како што неуроваскуларниот сноп одговорен за ерекција. Сето тоа овозможува брзо закрепнување на пациентите”, рекол началникот на Клиниката за урологија, Жељко Каштелан.