Документарниот филм наречен “Robin Williams: Come Inside My Mind” прикажува моменти од животот на покојниот актер Робин Вилијамс кој се борел со депресија. Документарецот за покојниот актер премиерно ќе биде емитуван на 16-ти јули на каналот “HBO”.
“Генијалноста на Робин Вилијамс беше во тоа што можеше да ги насмее сите во просторијата, концертната дворана или во целиот свет”, истакнале продуцентите на филмот, Алекс Гибни и Ширел Козак. Документарецот го прикажува животот и кариерата на комичарот и открива што го привлекло во ликовите кои ги играл.
“Станува збор за моменти во текот на неговите креативни процеси кои досега не се видени, а ги добивме преку интервјуата со него”, раскажала режисерката Марина Зенович. Исто така, во документарниот филм се нашле и домашни снимки на Робин и помалку познати снимки од сцената.
“Дознаваме повеќе за него низ интервјуата со оние кои добро го познаваа и сакаа”, додала режисерката. Помеѓу нив се комичарката Вупи Голдберг (62), водителот Дејвид Летерман (71), актерот Стив Мартин (72) и Били Кристал (70).
Во документарецот се истакнува дека Вилијамс не бил среќен иако неговото семејство, пријателите и екипата од сетовите се забавувале покрај него. Комичарот изврши самоубиство во 63-тата година, а на 11-ти август се навршуваат четири години од неговата смрт. Тој боледувал од LBD (Lewy Body Disease) – вид на деменција која предизвикува губење на моторните функции и депресија.