Д-р Сиера Дафи од институтот за медицински истражувања „Хери Перкинс“ и Универзитетот во Западна Австралија користела отров од 312 пчели и бумбари од Австралија, Ирска и од Англија за да го тестира неговото влијание врз одредени видови рак на дојка. Меѓу другото, отровот бил тестиран на тројно негативниот карцином на дојка за кој има малку третмани.
Резултатите од истражувањето на Дафи покажуваат дека отровот од пчелите брзо ги убива клетките на тројно негативен рак на дојка и HER2-позитивен рак на дојка.
Дафи објаснува дека во истражувањето биле тестирани својствата на отровот од пчели и соединението мелитин, кое се наоѓа во отровот на пчелите, на различни видови клетки на рак на дојка. Мелитинот е позитивно наелектризиран пептид кој може да се репродуцира на синтетички начин. Било откриено дека синтетичкиот производ ги отсликува повеќето од ефектите на отровот од пчели во борбата против ракот.
Отровот од пчели значително и брзо ги убива клетките на тројно негативен рак на дојка и HER2-позитивен рак на дојка. Специфична концентрација на отров од пчели може целосно да ги убие клетките на ракот со минимални ефекти врз нормалните клетки.
Мелитинот може целосно да ги уништи клеточните мембрани на ракот за помалку од 60 минути. Освен тоа, во истражувањето мелитинот во отровот од пчелите за 20 минути ги намалил хемиските пораки на клетките на ракот кои се неопходни за раст на ракот и поделба на клетките, а со тоа го спречил неговото напредување.
Дафи открила и дека мелитинот може да се користи со мали молекули или хемотерапии за да се третираат агресивни видови рак на дојка.
Во светот има 20.000 вида пчели, а Дафи сакала да ги спореди ефектите на отровот од пчелите во Перт, Австралија, со оние во Ирска и Англија, како и со отровот од бумбарите. Таа открила дека отровите од пчелите во Австралија, Ирска и во Англија имаат речиси идентични ефекти врз ракот на дојката. Од друга страна, отровот од бумбарите не бил ефикасен во убивањето на клетките на ракот.