Путин и Лукашенко во Сочи: Воопшто не е потребен превод, говорот на телото покажува кој е „газда“

162

„Говорот на телото на двајцата лидери открива далеку повеќе од рускиот јазик“, напиша познатиот шведски дипломат Карл Билд на „Твитер“, коментирајќи ги разговорите на Александар Лукашенко и Владимир Путин.

Белорускиот и рускиот претседател се состанаа вчера во Сочи каде што Лукашенко отпатува за да побара поддршка по големите протести кои избија во Минск и барањето на демонстрантите тој да се повлече од власт.

На снимката која Билд ја објави на „Твитер“ може да се види како двајцата лидери седат, а Лукашенко со своето тело е завртен кон Путин кој е удобно сместен во својата фотелја и само повремено го погледнува белорускиот колега. Додека Лукашенко непрекинато говори, Путин ниту еднаш не прозборува, а по говорот на телото на двајцата државници, јасно може да се сфати каков е односот на силите.

Да потсетиме, рускиот претседател Владимир Путин во текот на вчерашниот ден одобри 1,5 милијарди долари заем за Белорусија. Исто така, Москва испрати и свои падобранци на воени вежби заедно со белоруските сили.

Неодамна, Карл Билд на социјалните мрежи објави духовит краток видео запис од Овалната соба во која средба имаа американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот српски колега Александар Вучиќ.

На видеото може да се види збунетиот поглед на Вучиќ додека Доналд Трамп во позадина најавува дека Србија ќе ја пресели својата амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим.