Продолжува размената на документи со Софија, владата не губи надеж

106

Македонскиот државен врв не губи надеж дека договор со Бугарија е можен до последниот состанок на Европскиот совет на 18ти декември.

Премиерот Заев вели дека двете земји активно преговараат и разменуваат документи за повеќе прашања, но не и за македонскиот идентитет и јазик.

Премиерот Заев очекува богатото политичко искуство на Бучковски да донесе напредок во преговорите во следниот период. Но, само еден ден пред да биде назначен за специјален претставник на македонската влада за односите со Софија, Бучковски во интервју за бугарски медиуми излезе со тврдење дека Македонците постојат од 44-та и дека Бугарите се постара нација.

Министерот за надворешни работи вели дека ова се лични, а не официјални ставови на Македонија. Османи тврди дека Бучковски од позиција на специјален претставник ќе ги застапува ставовите на државниот врв.

По дводневните разговори на амбасадорско ниво, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји порача дека и покрај напорите, шансите Македонија до крајот на годината да ги стартува преговорите со Унијата се многу мали, потенцирајќи дека Скопје мора да направи сериозни напори за да излезе во пресрет на барањата на Софија.