Преговорите започнаа: Ливерпул ќе го сруши рекордот на Премиер лигата!

355

На „Енфилд Роуд“ го подготвуваат теренот за договорот кој на Ливерпул ќе му донесе сериозна заработувачка во блиска иднина.

Додека навивачите чекаат екипата на Јирген Клоп за ги собере плодовите од добрата работа во изминатиот период, челниците на Ливерпул активно работат на договорот кој би требало да постави нов рекорд во Премиер лигата.

На „Редси“ на крајот од сезоната им истекува договорот со снабдувачот на спортска опрема, американската компанија „Њу Баланс“, што значи дека е вистинско време да се интензивираат преговорите околу евентуално продолжување на соработката.

Досегашната соработка ги исполни очекувањата на двете страни, со тоа што повеќе причини за задоволство имаше „Њу Баланс“ бидејќи две години по ред забележа рекордна продажба на дресови.

Досегашниот договор му гарантираше на Ливерпул 45 милиони фунти по сезона, што е помалку од она што „Адидас“ и „Најк“ му го плаќаат на Јунајтед и челзи.

Најдобар спонзорски договор во Премиер лигата има Манчестер Јунајтед. „Адидас“ плаќа 75 милиони фунти по сезона, додека Челзи од „Најк“ добива 15 милиони фунти помалку.

„Ливерпул ја сака сумата која ја добива Јунајтед. Подготвени се да ја продолжат соработката со „Њу Баланс“, но ако не го добијат она што го посакуваат, шанса ќе му дадат на друг партнер“, наведува „Дејли Мејл“.

Останува уште да се види на колку години би бил потпишан договорот, бидејќи Челзи и Арсенал договорија повеќегодишни соработки кои ќе им донесат сериозни суми на пари.

„Сините“ потпишаа договор на 15 години кој им гарантира заработка од 900 милиони фунти, додека Арсенал од следното лето ќе започне соработка со „Адидас“ која ќе му донесе вкупна заработувачка од 300 милиони фунти.

Кога ќе се погледне листата на најдобрите спонзорски договори во оваа сезона, гледајќи ги најатрактивните клубови, најмалку заработуваат Манчестер Сити (41 милион), Арсенал (30 милиони) и Тотенхем (30 милиони).

Следното лето Сити и Арсенал ќе го прескокнат Ливерпул бидејќи „Граѓаните“ договорија соработка со „Пума“ која ќе плаќа 50 милиони фунти по сезона, а Арсенал договори соработка со „Адидас“.