Министерството за правосудство на Белгија отвори истрага за исчезнатите пет милијарди евра од замрзнатите сметки на поранешниот либијски лидер, Моамер Гадафи во тамошните банки.
Според информациите за истрагата кои што протекоа во белгиските медиуми, постојат индиции дека од сметките на Гадафи „исчезнале“ каматите на основицата која што била замрзната пред седум години откако Демократските сили на Либија го симнаа од власт и брутално го убија Гадафи.
Белгиските власти сега го истражуваат пренасочувањето на парите од сметките на Гадафи во нивните банки, во корист на силите кои што се борат во либијската граѓанска војна.

Ваквата реакција на белгиските власти е мотивирана од фактот што војната во Либија продолжува и предизвикува мигрантски бран кон Европа, пренесува europapress.es, пренесувајќи ги тврдењата на белгиските медиуми дека на тамошната политичка сцена дошло до размена на обвинувања за тоа кој дозволил парите на Гадафи да се префрлат во Либија.
Да потсетиме, со одлуката на Советот за безбедност при Обединетите нации во 2011-та година, средствата на Моамер Ел Гадафи беа замрзнати. Во тие моменти во банките “BNP, ING и KBC” се проценува дека имало околу 14 милијарди евра на поранешниот прв човек на Либија.
Одлуката на Советот за безбедност при Обединетите нации, сепак не се однесуваше на каматите. За осум години, таа сума се зголемила за од 3 до 5 милијарди евра и токму тие пари мистериозно исчезнале. Се претпоставува дека на некој начин завршиле во рацете на групите кои што војуваат во Либија, а во тек е истрага.
Покрај тоа, се шпекулира дека дури и од основната сума која што била во сопственост на Гадафи, фалат многу пари.
Според последните информации, во 2013-та година беше потврдено дека Гадафи располага со богаство од 16 милијарди евра, а во 2017-та година кога белгиските власти после истрагата за перење на пари имаа намера да го конфискуваат имотот, биле откриени само шест милијарди евра.