Во АстраЗанека тврдат: Ние сме подготвени да почнеме со вакцинација против ковид-19 во декември!

208

Извршниот директор на фармацевтскиот гигант АстраЗенека во саботата објави дека вакцината против коронавирус може да биде подготвена за употреба кон крајот на декември, а дека тие се во очекување на одобрувањето.

Регулаторите постојано работат со нашите податоци. Ако се брзи, кога ќе бидеме подготвени, можеме да започнеме со вакцинирање на луѓето во јануари, а можеби и кон крајот на декември, рече Паскал Сориот, пренесува шведскиот весник Дагенс нихетер.

Англиско-шведскиот производител на лекови, во соработка со британскиот универзитет во Оксфорд, развива вакцина против коронавирус и нивната работа е рангирана меѓу најперспективните во трката за лек против пандемијата со ковид-19.

Можеби никогаш нема да заработиме пари (со таа вакцина), никој не знае колку често ќе треба да се вакцинираме, рече Сориот, објаснувајќи: Ако вакцината е многу ефикасна и ако ги штити луѓето многу години и болеста поминува, тогаш нема да има пазар за нејзина продажба.

Сепак, многу експерти веруваат дека ќе биде потребна повторна вакцинација.

Ако ова треба да се прави секоја година, тогаш можеме да заработиме на вакцината од 2022 година, рече тој.

Вакцината влезе во третата фаза на тестирање во септември, но мораше да биде прекината поради здравствен проблем на волонтер во Велика Британија, но подоцна беше обновена.

Европската унија, Соединетите држави, Велика Британија, Јапонија и Бразил ги потпишаа првите договори со АстраЗенека за испорака на вакцината доколку биде одобрена.