Поради масовното рециклирање, Данска е приморана да увезува отпад за своите постројки за согорување отпад

99

Данска е најголем европски производител на енергија од отпад. Од отпадот се добива топлинска енергија која покрива 20% од потребите за топлинска енергија за греење во земјата, а се произведува и околу 5% од потребите за електрична енергија. Земјата поседува постројки за согорување на отпад (инсинератори) со врвни филтри, но проблем е што сега Данска не генерира доволно отпад за работа на сите овие погони. Она што пред само пет години било паметно решение, денес се претворило во проблем. Данска има 23 постројки за согорување отпад со капацитет за спалување на 3,8 милиони тони отпад годишно, но рециклирањето и селектирањето на отпадот во земјата е толку развиено, што во текот на 2018 година Данска морала да увезе речиси еден милион тони отпад главно од Германија и Велика Британија. Тоа не е во спротивност со данските климатски цели – намалување на емисиите на стакленички гасови во наредната деценија за 70% под нивото од 1990 година.

„Денес увезуваме отпад со висок удел на пластика, со цел да го искористиме капацитетот на инсинераторите, а резултатот е повисока емисија на CO2″, изјавил Dan Jorgensen, данскиот министер за клима. Поради тоа, Данска има намера да ги намали капацитетите на постројките за согорување на отпад за 30% во наредната деценија. Оваа година договорено е да се воспостави систем со дури 10 различни рециклабилни видови (стакло, хартија, текстил, итн.) и да се намали увозот на отпад.

incineration2

Намалувањето на капацитетот на овие постројки значи и големи трошоци, бидејќи поголемиот број на инсинератори во сопственост на локалната самоуправа е финансиран со кредити. Таканаречената “вечна дилема“ со тпадот е добро видлива на островот Борнхолм. Овој остров ја има најмалата постројка за согорување на отпад која планира да ја затвори во 2032 година, до кога сметаат да станат остров без отпад, преку повторна употреба и рециклажа на целиот отпад кој ќе го произведат. Краткорочно, далечинското греење ќе биде покриено со биомаса, а долгорочниот план е островот да ја добива целокупната потребна електрична енергија од офшор ветерни електрани.

Согорувањето на отпадот, со истовремено производство на топлинска и електрична енергија, е подобра опција во однос на одлагањето на отпадот на депонии каде се емитува метан и ги загадува воздухот, почвата и подземните води. Но, тој систем е потешко да се оправда во услови кога рециклирањето станува вообичаена опција, а земјите се фокусирани на намалување на емисиите на стакленички гасови. Данците долгорочно го трасираат својот пат со рециклирање и обновливи извори на енергија.

incineration4