Од утре промена на времето, утринската температура ќе се спушти до нула

155

Пад на температурата, која во утринските часови во некои делови ќе се спушти до нула, најавуваат метеоролозите за наредните денови.

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и локална појава на грмежи. Утре и во петок ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер што ќе предизвика опаѓање на температурите. Потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури што на места ќе се спуштат и до нула степени.

Утре утринската температура ќе се движи од осум до 15, во петок од седум до 15, во сабота од нула до девет, во недела од нула до 10 степени, понеделник од два до 11 и во вторник од четири до 13 степени.

Дневните температури ќе се движат утре од 18 до 28 степени, во петок од 18 до 25, сабота од 19 до 26, недела од 20 до 27, понеделник од 22 до 30 степени во вторник од 22 до 29 степени.

И метеорологот Славчо Попоски излезе со слична прогноза:

Уште денес попладне, особено на север и долж Повардарието, ќе почне да дува засилен ветер од северен правец, кој повремено на некои места ќе достигнува брзина од над 70 км/час и ќе услови пад на температурите на воздухот, денес само во северната половина од државава.

Облачноста доцна попладне и навечер ќе почне да се зголемува и ќе има услови за слаб локален дожд. Зголемена облачност ќе има утре, заедно со повремени локални врнежи од дожд кои ќе бидат нешто поинтензивни на запад и на југозапад, каде што локално ќе има услови и за појава на грмежи.

Денес максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 35 степени, додека посвежо, како што кажавме, ќе биде на север. Утре температурите ќе се искачуваат во интервалот од 22 до 30 степени, додека во петок ќе биде значително посвежо, со максимални температури кој ќе се искачуваат во интервалот од 16 до 25 степени.

Особено студено ќе биде во сабота наутро, па така поради разведрувањето минималните температури на воздухот на повеќе места ќе бидат зимски, во интервалот од -1 до 10 степени во најтоплите предели од државава.

Ниски минимални температури ќе има и на почетокот од следната недела, додека максималните дневни температури ќе бележат тенденција на пораст, но веќе нема да бидат многу високи како сегашните.

Поради доста ниските температури на воздухот, ги советуваме граѓаните доколку излегуваат наутро, ЗАДОЛЖИТЕЛНО со себе да си понесат топла облека. Да напоменеме дека сето ова ќе биде проследено и со северен ветер кој од северните предели и долж Повадрарието од утре ќе се прошири насекаде низ државава.

loading...