Полиција ќе ги доставува на домашна адреса готовите лични карти и возачки дозволи

640

За да се намали метежот во Управните служби на Министерството за внатрешни работи од понеделник граѓаните чии лични карти и возачки дозволи се веќе изработени нема да имаат обврска сами да си ги земат туку документите на домашна адреса ќе им ги достават полицајци.

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев извести дека подготвиле измена на правилникот за работа на службите.

„Во понеделни ќе го смениме правилникот на Министерството за внатрешни работи со што ќе се остави можност личните карти и возачките дозволи да може да се доставуваат од страна на полициски службеници на домашните адреси. За патните исправи не постои техничка можност за достава на домашна адреса бидејќи тие мора да се земаат повторно со отпечаток од прст“, најави министерот Чулев.

Службата за Управни работи во МВР има конкретни упатства за дезинфекција на уредите каде што граѓаните оставаат отпечатоци по секоја употреба, а вработените треба да се придржуваат и до посебни правила за одржување соодветно растојание при извршување на техничките процедури и сликање на граѓаните кои поднесуваат барања за издавање документи.