Парк со големина колку Плоштад Македонија ќе се гради спроти „Холидеј Ин“

283

Со најавата за почеток на градбата на комплексот „Гранд“ на парцелата 1.1 на паркингот спроти „Холидеј Ин“, компанијата МГ Фешн најави и капитална инвестиција на јавен парк со фонтана на површина близу 7.500 м2 како донација за градот и сите граѓани.

Оваа површина, велат од МГ Фешн, e колку површината на Плоштад Македонија, а предвидена е за нов, урбан, отворен и јавен простор за сите граѓани во рамките на ДУП Ц08 на територијата на Општина Центар.

Визијата на инвеститорот за овој јавен простор е да се уреди налик урбаните паркови во светските метрополи, како оној на “Porta Nuova” во Милано, за што е потребна соработка со надлежните органи на Општина Центар бидејќи важечкиот ДУП на оваа градежна парцела предвидува само партерно уредување со фонтана и спомен обележје. Оттука, она што инвеститорот го нуди како решение за парцелата кај „Холидеј Ин“ е уредување на просторот со разновидно парковско зеленило, оплеменето со современа фонтана, урбана опрема и бројни останати содржини од отворен карактер, достапни за сите граѓани, но и распишување јавен конкурс за идејно решение во соработка со Општината.

„Ваков модерен јавен простор, налик на светските уредени урбани паркови и простори, ќе понуди дополнително заживување и модернизирање на овој дел од центарот на градот, што е во интерес на сите граѓани и целата наша заедница“, изјавија од МГ Фешн, додавајќи дека за граѓаните од Ново Маало кои се сопственици на приватните парцели на кои е предвидена јавна површина, предвидено е обесштетување во истиот сооднос како и за останатите сопственици чии парцели се опфатени со новите објекти.

Дополнително, компанијата изрази подготвеност за соработка со Град Скопје, Шумарски факултет и зелените организации да изготви решение и да инвестира и во обновување на делот од Кејот 13-ти Ноември кој се протега по должина на локацијата.