Ова е првата Американка која ја доби експерименталната вакцина против Ковид-19: “Се чувствувам одлично”

117

43-годишната Џенифер Холер од Сиетл е првата Американка која ја доби експерименталната вакцина против коронавирусот, на чиј развој работат Националниот институт за здравје и компанијата “Moderna Inc” од Масачусетс.

Вакцината против коронавирусот се нарекува “mRNA-1273”, а дури и да се покаже ефикасна, на нејзината општа употреба би се чекало од 12 до 18 месеци, пишува “Daily Mail”.

“Сите се чувствуваме толку беспомошно. Ова беше одлична прилика за мене да направам нешто корисно”, рекла Џенифер додека чекала да ја прими вакцината која се тестира во истражувачкиот институт “Kaiser Permanente Washington” во Сиетл.

Откако ја примила вакцината, мајката на две деца го напуштила институтот со насмевка на лицето.

“Се чувствувам одлично”, рекла Џенифер. Таа е еден од 45-те доброволци кои се пријавиле за тестирање и на кои, во период од еден месец, ќе им се дадат две дози вакцина. Во вакцината нема елементи на коронавирус, па со тоа нема никаква опасност дека учесниците ќе се заразат во текот на тестирањето.

Холер додала и дека не почувствувала никакви нуспојави по вакцинирањето. На прашањето зошто се одлучила на ваков подвиг, Џенифер изјавила дека има голема привилегија во животот.

“Јас сум привилегирана во животот да бидам здрава и да имам семејство и пријатели. Работам во компанија која е флексибилна и во која можам да работам кога мене ми одговара. Имам огромна привилегија што можам да ги правам тие работи”, изјавила таа за “CNN”.

Д-р Ентони Фаучи од институтот вели дека пронаоѓањето на вакцина е приоритет за јавното здравје.

“Оваа нова студија која е покрената во рекордно време е важен прв чекор кон таа цел”, додал тој.

Бројни истражувачки центри ширум светот спроведуваат истражувања со цел да пронајдат вакцина против Ковид-19.

“Сега сме “Корона тим”, горди сме што започнавме со тестирање на потенцијална вакцина брзо по појавата на болеста. Некои од нашите внимателно одбрани доброволци кои имаат помеѓу 18 и 55 години ќе добијат поголеми дози на вакцина за да можеме да ја тестираме јачината на вакцината. Ќе ги проверуваме нуспојавите и ќе ја тестираме крвта за да дознаеме дали вакцината влијае врз имунолошкиот систем. Сè уште не сме во фаза во која би било паметно или воопшто можно да се даде во јавноста за употреба”, вели д-р Лиса Џексон, лидер на студијата во истражувачкиот институт “Kaiser Permanente Washington”.

Повеќето истражувачи на вакцини се концентрираат на “шилестиот” протеин на површината на вирусот кој ги пробива човечките клетки. Ако тие се во можност да го блокираат ваквиот протеин, ќе го спречат и Ковид-19.