Османи во посета на Атина, во Скопје ќе се врати со првиот лет од атинскиот до скопскиот аеродром

747

Со средба со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања, Јоргос Катругалос, ќе ја започне работната посета на Атина, заменик Претседателот на Владата, Бујар Османи, по што во Скопје ќе се врати со првиот лет од грчката до македонската престолнина, воспоставен по пауза од над 10 години.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Катругалос и Османи ќе се сретнат во 16 часот по локално време, во грчкото МНР по што, заедно ќе се упатат кон атинскиот аеродром „Елефтериос Венизелос“.

– На средбата ќе стане збор за билатералните односи меѓу двете земји, Договорот од Преспа и обврските кои истиот ги создава за двете земји, но и за сите останати прашања од билатерален интерес, како што се мерките за градење доверба,  унапредување на односите меѓу двете земји, поддршката од страна на Грција за нашите европски интеграции итн, соопштуваат од кабинетот на Османи.

Разговорот ќе се фокусира на темите од билатерален, регионален и европски интерес, соопштуваат од грчкото МНР.

Во однос на средбата во Атина, вицепремиерот Османи, вчера рече дека со Катругаос ќе разговараат за сериозната поддршка на Грција, но и за општиот политички контекст и во двете земји.

– Турбулентни се работите и овде и во Грција, но сметам дека потврдувањето на Преспанскиот договор овде во Македонија веќе има нормален тек, дури и поширока поддршка, но и во Грција воопшто не е загрозен тој процес и покрај различните дневно- политички турбуленции.  Се надевам дека утре уште еднаш ќе си размениме добри вести дека овој пат е неповратен и дека Република Македонија и Република Грција остануваат стратешки партнери, рече Османи на вчерашната прес-конференција во Владата.

По разговорите и изјавите за медиумите, алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос ќе го испрати симболично вицепремиерот Бујар Османи на атинскиот аеродром, на првиот лет по пауза од над 10 години од Атина за Скопје, во кој ќе биде и дописничката на МИА од Атина.