Орбан со јасна порака: На Европа ѝ се потребни лидери кои се против имиграцијата!

1501

Унгарскиот премиер Виктор Орбан уште еднаш го нагласи својот анти-имигрантски став и порача дека таквите лидери им се потребни на европските земји.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан изјави во Будимпешта дека ќе бара начин да соработува со заменик премиерот на Италија, Матео Салвини, затоа што, како што изјави, на Европа после мајските избори ѝ се потребни лидери кои се противат на имиграцијата.

Орбан на прес-конференцијата заедно со Салвини изјави дека доколку Европската народна партија се поврзе со лево-ориентираните партии после изборите во Европскиот парламент, ќе биде тешко неговата партија „Фидес“ да се најде во таа група.

Матео Салвини неодамна порача дека ја формиирал најголемата група во Европскиот парламент чија што задача ќе биде да ги „промени правилата во Европа“.

Неодамна Салвини имаше состанок со лидерите на германската десничарска партија Алтернатива за Германија, Данската народна партија и финската партија Вистински Финци во Милано и порача дека нивната нова група на десничари, на која очигледно ѝ се приклучи Орбан, сака да ја има одлучувачката улога во изборот на членовите на идната Европска комисија која ќе биде формирана после изборите за Европскиот парламент.

Салвини неодамна порача дека новата група ќе се залага за главни приоритети на западните европски држави повторно да бидат работата, семејството, безбедноста и одбраната на животната средина, а секако, десничарските партии ќе се залагаат и за ставање на крај на приливот на мигранти во Европската унија.