Фотографијата која се шири на социјалните мрежи и на која се гледа како во присуство на деца се врши дезинфекција на простории, предизвика лавина од негодувања кај родителите, но и јавноста.
Станува збор за детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид, а дезинфекцијата била извршена на барање на општината Охрид од страна на ЈП „Охридски комуналец“ во сите објекти на детската градинка.
Една мајка сведочи дека кога си го зела детето од градинка, тоа веќе имало симптоми и завршило на лекар, пренесува „Алфа“.
„Детето веќе имаше добиено воспаление на очињата, а потоа му се појави и стомачен вирус да речам, ајде нека биде вирус. Го однесов на матичен лекар, тој ми напиша претставка што треба да ја однесам во архивата на градинката да ја заверам и да ги пријавам во санитарна инспекција. Ова не се прави кога децата се во градинка, ова се прави кога е празна градинката, после завршување на работното време и на воспитувачките и на негувателките. И за ова некој мора да сноси одговорност, затоа што се работи за мали деца, тоа се тешки хемикалии“, вели родителот.
Во лекарскиот извештај, помеѓу другото стои и дека детето има наод на алергиско-хемиски ринит, а доколку продолжи да се експонира на хемиски агенси, има ризик да развие астма.
Од друга страна, директорката на детската градина, Мери Рилкова, вели дека фотографијата е погрешно протолкувана.
„Се добива впечаток, кога ќе се погледне фотографијата дека се прави дезинфекција додека се децата присутни, а реалната состојба е дека во тој момент децата се изнесуваат од занималната за да се изврши дезинфекција“.
Како што тврди Рилкова, станува збор за дезинфекција со средство кое е биолошки разградливо и кое го употребувале секојдневно за дезинфекција на играчките, па дури и за рачињата на децата.
Од општина Охрид велат дека дезинфекцијата била спроведена како дел од превентивните мерки за заштита од Ковид-19 и истата била извршена по сите предвидени протоколи. Од таму додаваат и дека е важно да се нагласи дека дезинфекцијата се вршела со средство DEZINTAL® 0,2 %, кое според декларацијата на производителот не било штетно за човековата околина, здравјето и е целосно биолошки разградливо, пренесува „Алсат“.