ОД 1 ЈАНУАРИ 10 ОТСТО ДДВ ЗА ХРАНА И ПИЈАЛАЦИ ВО КАФЕАНИТЕ, ОСВЕН ЗА АЛКОХОЛ

98

Од 1 јануари 2021, ќе има повластена даночна стапка од 10% за продавањето храна и пијалаци во угостителските објекти и за кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци, одлучи Владата на синоќешната седница. Исто така од 1 јануари ќе има и повластена даночна стапка од 5% за определени занаетчиски услуги коишто се вршат од занаетчии коишто се запишани во занаетчиски регистар.

Владата синоќа го утврди и предлогот за Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, кој исто така како и Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите е дел од Пакетот 4 за справување со економската криза предизвикана од ковид-19.

Со денот на влегувањето во сила на измените и дополнувањата од Законот за данокот на додадена вредност, од 1 јануари ќе се изврши ослободување од данок на додадена вредност за донации дадени кон буџетски корисници за справување со коронавирусот. Исто така ќе се одложи рокот за плаќање ДДВ заради ликвидносна поддршка на компаниите. Заради олеснување на процесот на издавање, пренос и прием на фактура, ќе се даде можност за користење на фактура во електронска форма (пдф. или друг електронски формат).

Владата утврди и Предлог-закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза предизвикана ковид-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020. Со овој закон, се уредуваат условите и постапката за добивање финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза, заради исплата на платите на работниците за месеците октомври, ноември и декември 2020.