КАДЕ ГЛЕДА НАДЕЖ КОСТОВСКИ ЗА СПАС НА ЕУРОСТАНДАРД – што може сега да стори потенцијалниот инвеститор

141

Стечајниот управник наголемо работи во Еуростандард банка и ги скенира обврските и побарувањата, со цел да дојде до точната бројка колку од долговите на банката ќе можат да се покријат од стечајната маса. Фондот за осигурување на депозити се подготвува за исплата на штедачите, а сопственикот на банката Трифун Костовски вчера упати драматичен повик до сите чинители во општеството, да му помогнат да се стопира одлуката за стечај и банката да се врати во првобитната положба. Народната банка, пак, му возврати дека со денот на донесувањето на Решението за укинување на дозволата нејзините надлежности завршуваат, како и дека се водела исклучиво по законите и во заштита на интересите на граѓаните.

Случајот Еуростандард банка, се чини, уште долго ќе ја бранува финансиската и бизнис јавност во земјава.

Стечајниот управник Душко Тодевски, откако ги скенираше сите документи со кои располага централната банка, деновиве влезе и во Еуростандард банката, за таму, врз основа на документацијата, да направи попис на сите обврски и побарувања. Потоа ќе каже колку пари на штедачите треба поединечно да им исплати Фондот за осигурување депозити, а колку и кои штедачи и доверители ќе се покриваат од стечајната маса, и колку пари ќе има за подмирување на нивните побарувања. Прашање е колкав процент од овие побарувања ќе можат да наплатат доверителите. Тодевски не е премногу расположен за јавноста да открива детали за тоа што нашол при читањето на деловните книги во Еуростандард банка.

БРГУ ЌЕ СЕ ЗНАЕ КОЈ ШТЕДАЧ КОЛКУ ПАРИ ЌЕ ДОБИЕ 

Она што сигурно се знае, пак, е дека Фондот за осигурување на депозити идната недела точно ќе каже кога ќе почне обесштетувањето на штедачите што чувале во банката до 30 илјади евра, и кој штедач во која банка од четирите што беа избрани, ќе биде распореден за да си ги подигне парите.

„До крајот на неделава го очекуваме конечниот список од стечајниот управник, кој ќе треба да ни покаже на кој штедач поединечно по колку точно средства треба да му исплатиме“, вели за Фактор Борче Хаџиев, директор на Фондот за осигурување депозити.

На нашето прашање дали Фондот ги нема тие сознанија, Хаџиев вели дека Фондот ја знае точната сума и точната бројка на штедачи што треба да добијат обесштетување, но стечајниот управник ќе направи список, во кој ќе бидат наведени сите депоненти поединечно, и точната сума на пари што секој од нив ќе треба да ја добие.

„Стечајниот управник точно ќе пресмета и колкава сума на камата ќе треба да добие секој штедач, бидејќи ќе им се пресметува камата до 12 август, кога беше донесено Решението за укинување на дозволата на банката. Додека, пак, ако штедачот во исто време имал и кредити кон банката, за износот на кредитот ќе му биде пребиен влогот што треба да му се врати“, објаснува Хаџиев.

Така што, појаснува директорот на Фондот за Фактор, обесштетувањето нема да стартува идната недела, туку тогаш ќе се знае кога ќе почне и кој штедач во која банка ќе треба да си ги подигне парите.

КОСТОВСКИ: ПОТЕНЦИЈАЛНИ КУПУВАЧИ СЕ СПРЕМНИ ДА ВЛОЖАТ СЕРИОЗНИ СРЕДСТВА

И додека стечајната постапка и сите други процедури кои вообичаено следуваат со пропаста на една банка наголемо течат, сопственикот на банката, Трифун Костовски, вчера ја изненади јавноста со драматичниот последен апел да се спаси неговата Еуростандард.

Тој јавно ги повика сите политички партии, институции, владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка Народна банка да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард, и да ја врати во првобитна состојба.

„Легалистите би рекле дека ваквото повлекување на стечајна постапка не е можно согласно Законот за банки. Сакам да ве убедам дека не може законот да биде над интересите на граѓаните“, напиша бизнисменот.

Како најсериозен аргумент тој го зеде фактот што потенцијални купувачи на банката се спремни да вложат сериозни средства и да го овозможат нејзиното работење во банкарскиот сектор.

Ваквиот чин, според него, бара висока доблест и ќе спречи сериозни последици по граѓаните, а како такви ги наведе следниве. „Клиентите на Еуростандард, кои се оштетени со оваа одлука, ќе бидат целосно вознемирени со преземање активности да си го вратат своето.Поради софтверскиот систем за исплата на пензии, неколку илјади пензионери ќе се соочат со не можноста редовно да ги добиваат своите пензии, а тоа е најранливиот слој на граѓани во Македонија.Масовни отпуштања и зголемување на невработеноста, како на вработените во Еуростандард банка, така и на вработените во Македонски пошти, поради неможноста да остварат приход и да ги заработат чесно своите примања“, напиша Костовски во својот јавен повик.

Народна банка, пак, брзо возврати, со што уште еднаш од оваа институција сакаат да прецизираат дека враќање на банката во нормала како претходно не е можно, а дека тие морале да донесат одлука за клуч на врата, бидејќи тоа е законски и во насока на штитење на интересите на граѓаните.

НАРОДНА БАНКА: НАШИТЕ НАДЛЕЖНОСТИ ПРЕСТАНАА 

„Народната банка ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје на 12 август 2020 година, заради несолвентност на Банката, односно неисполнување минимални законски услови за работа на банка, при неостварување на преземената обврска од сопствениците за навремено обезбедување на неопходниот капитал за работа на Банката, од сопствени извори или од потенцијален инвеститор којшто ги исполнува законските услови и критериуми за акционер на банка“, нагласија од кабинетот на гувернерката Анита Бежоска-Ангеловска.

Потенцираат дека, согласно со законската регулатива, со денот на донесувањето на Решението за укинување на дозволата, банката престанува со работа и престануваат надлежностите на Народната банка. „При остварување на своите законски утврдени цели и задачи, Народната банка се води исклучиво од законите, притоа штитејќи го интересот на граѓаните“, се вели во реакцијата од централната банка“, нгласија од НБМ.

Се поставува прашањето каде гледа надеж бизнисменот Костовски, упатувајќи го овој јавен повик. Кој е потенцијалниот инвеститор и дали и какви шанси постојат да се спаси банката. Тоа се дилеми кои веројатно ќе бидат разјаснети во наредниот период.