Не може независно да се потврди дека објавата е навистина своерачно напишана од Љупчо Палевски, како што се тврди.
На денешната прес-конференција, заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ во одговор на новинарско прашање рече дека не сака да ја коментира објавата бидејќи сè што е поврзано со судската постапка може да биде погрешно сфатено во јавноста и да ѝ наштети на самата постапка
Се очекува Љупчо Палевски-Палчо, осомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да биде екстрадиран веднаш по завршувањето на административните процедури, изјави денеска заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ.
„Министерот за правда беше во посета на својот колега во Турција и, како што беше информирана јавноста од Министерството за правда, судската постапка е завршена, се чекаат административните документи да се завршат и очекуваме дека Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран“, рече Аврамовска-Мадиќ одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција во Владата со директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсоски.
На новинарско прашање – како ја коментира објавата на фејсбук-профилот на партијата Десна за која се тврди дека е обраќање од Љупчо Палевски, Аврамовска-Мадиќ вели дека не сака да коментира бидејќи сè што е поврзано со судската постапка може да биде погрешно сфатено во јавноста и да ѝ наштети на самата постапка.
„Не можам да го коментирам тоа бидејќи сè што е поврзано со судската постапка може да биде погрешно сфатено во јавноста и да ѝ наштети на самата постапка“, рече Аврамовска-Мадиќ.
Министерот за правда Кренар Лога и неговиот турски колега Јилмаз Тунч минатиот месец остварија средба на која разговараа за постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски, при што Лога бил информиран од турскиот колега дека судскиот процес за Палевски е завршен и дека се очекува да завршат и административните процедури.
Инаку, преку објава на фејсбук-профилот на политичката партија Десна, насловена „Соопштение за јавност“, на кое стои датумот 25 февруари 2024 г., Палевски вели:
„Додека ја чекам судската постапка, далеку од Македонија, ве поздравувам и ќе повторам, Палчо не киднапира, убива деца и старци, тоа треба АУТИСТОТ (Оливер Спасовски, н.з.) да го запомни“.
Не може независно да се потврди дека објавата е навистина своерачно напишана од Љупчо Палевски, како што се тврди.
Во неа, поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски се обвинува дека спровел јавен линч против Палевски со цел да извлече политичка корист. Палевски, ако навистина тој е автор на текстот, негира дека бегал од државата туку „регуларно патувал за Белград (четврток), а во петокот после 18 часот за Турција, со регуларна патна исправа, на регуларен начин, со патничко возило“. Тој негира и дека бил уапсен на автопат во Турција, туку во ресторан каде што вечерал.
Палевски посочува дека сакал да биде екстрадиран во Македонија што е можно побрзо за на суд да можел да докаже дека е невин. Тој во писмото изразува и сочувство за смртта на Вања и Панче, како и за таткото на Вања „кој во моментот кога го загуби детето, монструмите го осомничија дека тој бил во контакт со мене и давал информации“.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и на 24 ноември лани, беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
Според информациите од истрагата кои тогаш на прес-конференција ги изнесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското Основно јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, Вања била грабната во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена.
Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања.
На 22 декември од Основното јавно обвинителство соопштија дека ги добиле обдукциските наоди од Институтот за судска медицина, за кои рекоа дека нема да бидат објавени во јавност.
Покрај Палевски, кој е првоосомничен, за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување.
Во случајот е осомничен и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кого истрагата го сомничи дека им помогнал на другите да го грабнат девојчето и се товари за кривичното дело грабнување.
На сите четворица Основниот кривичен суд во Скопје им определи притвор, а идентична мерка за обезбедување на присуство му беше одредена и на Стефан Димовски, осомничен за помагање на сторителот во извршување на кривично дело, бидејќи го возел првоосомничениот Палевски од Србија до Турција.
Целото наводно писмо го пренесуваме тука