Главниот осомничен за исчезнувањето на малата Медлин Мекен рекол дека ‘утре треба да заврши ужасна работа’, една ноќ пред девојчето да исчезне од апартманот за време на семејниот одмор во малото португалско место Праја де Луз.
Тоа го открил пријател на сите поранешни девојки на Кристијан Брукнер, додавајќи дека Германецот кратко после киднапирањето во мај 2007-ма година, ‘исчезнал’ од Праја де Луз, каде живеел со години.
Една ноќ пред да исчезне 3-годишната Медлин, Брункер на една од неговите девојки ѝ рекол дека ‘го чека работа‘.
„Утре морам да завршам една ужасна работа. Тоа ќе ми го промени животот. Нема да ме видите некое време“, рекол осомничениот.
Три години подоцна, неговата друга девојка му рекла дека изгледа на фото-роботот на киднаперот на Медлин и го прашала дали тоа е тој.
„Избегна да одговори и рече дека не навлегува во таа тема“, открил нејзиниот пријател.
Како што пренесува „Дејли Мејл“, двете девојки со кои Брукнер бил во врска додека живеел во Праја де Луз, ги испрашувала полицијата, но заклучила дека тие не биле вклучени во киднапирањето.
„Она што го кажа таа вечер укажува дека многу внимателно испланирал сè, дури можеби и дека го извршил киднапирањето по нечија наредба“, рекол нивниот пријател кој сакал да остане анонимен.
Покрај девојките со британско потекло, Брункер во 2007-ма година бил и со малолетна девојка со албанско потекло, со која живеел во изнајмена вила. Таа после раскинувањето го пријавила во полиција поради насилство.
Да потсетиме, Брункер (43), е осомничен за киднапирање и убиство на Медлин Мекен. Тој уште како тинејџер во родната Германија е обвинет за сексуален злочин над малолетно лице. Штом наполнил 18 години, се преселил во Португалија, каде живеел недалеку од местото на кое исчезнало девојчето.
Брункер поминал 12 години во Португалија правејќи разни злочини, од кражби, преку дилерство до силување, но за тоа никогаш не одговарал. Кратко по исчезнувањето на девојчето, се вратил во Германија, каде бил уапсен во повеќе наврати поради консумирање дрога и дилерство. Моментално е во затвор.