„Не сите починати кај кои бил детектиран вирусот треба да бидат во групата починати од ковид-19. Потребни се прецизни упатства кога некое починато лице треба да се вметне во бројката на починати од ковид-19. За да потврдите причина за смрт од ковид-19 мора да имате неоспорни докази дека таа смрт настанала од инфекцијата со вирусот”, вели за МКД.мк директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика, Александар Станков.
Смртноста на пациентите што заболуваат од ковид-19 во нашата земја станува сѐ поголема. Бројот на починатите во последниве денови стаса и до над 20 за еден ден, што е највисока бројка од почетокот на пандемијата. Меѓу нив, според изјавите на министерот за здравство Венко Филипче, најголем процент се со коморбидитети и над 60 години, но во листата на починати има и пациенти на возраст од 35 и 41 година.
Директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика за МКД.мк го појаснува прашањето дали сите пациенти, вкупно 963 до денес, треба да се најдат во статистиката на пациенти починати од ковид-19 и како може да се утврди вистинската причина за смртта.
„Единствен правилен начин за утврдување на причината за смрт е извршување на судско-медицинска или патолошко-анатомска обдукција. Кај оние случаи кај кои нема извршено обдукција, до евентуалната причина за смрт може да се дојде со исцрпна анализа на медицинската документација. Иако тоа не е правилниот начин, тоа ни е единствениот преостанат. Сепак, пак нема да дојдеме до точната причина за смрт бидејќи научниот став и ставот на Институтот е многу добро познат, нема причина за смрт без обдукција. Најблиску до вистината ќе бидеме кај оние случаи кои починале во болнички услови. За нив има исцрпна медицинска документација врз основа на која би можеле да се дојде до приближната причина за смрт. Проблематични засекогаш ќе останат оние што се починати вонболнички услови, односно оние што се починати дома или смртта настапила при нивниот прием во болница. Кај овие случаи сигурноста за нивната причина за смрт е минимална. Сите случаи починати во домашни услови, на пат кон болница или кратко време по приемот во болница, претставуваат индикација за судско медицинска обдукција. За жал тоа не е направено“, појаснува д-р Станков.
За тоа дали обдукцијата е најрационалниот и најточен метод за вистинската причина за смрт, и доколку е, значи ли тоа дека можеме никогаш да не ја осознаеме вистинската бројка на починати од ковид-19 кај нас, шефот на Институтот за судска медицина одговара потврдно, но додава дека ниту во светот ниту кај нас не се работи обдукција на секој починат во болница, особено кога смртта е поврзана со болест, односно кога причината за смрт е природна.
„Бројката на починати единствено може да отстапува кај оние случаи што се починати дома или починати набрзо по приемот во болница. Кај оние случаи што починале за време на нивниот болнички третман кај кои има докажани и дијагностицирани промени на органите предизвикани од ковид-19, причината за смрт не е спорна. Од почетокот на пандемијата имаме изработено осум обдукции кај кои ПЦР тестот покажал присуство на ковид- 19. Но тоа не значи дека кај сите нив причината за смрт била поради инфекцијата со ковид-19. Најголем број од обдукциите се направени по барање на обвинителствата, од државата, а еден дел по барање на болниците. Сите тие обдукции се направени поради постоење на судскомедицинска индикација. Нема ниедна обдукција по барање на семејствата“, појаснува д-р Станков.
За тоа дали во институцијата со која тој раководи може да обезбедат услови за обдукции на сите починати од ковид-19 и дали на тој начин ќе се добие појасна слика за овој вирус, директорот вели дека може да се обезбедат безбедни услови за работење на обдукции кај нив.
„Безбедни услови за извршување обдукции кај починати од ковид-19 може да се обезбедат. Меѓутоа сегашната ситуација налага првенствено обезбедување на услови за лежечките пациенти и тоа е сосема легитимно. Мислам дека веќе е познато што сѐ предизвикува вирусот и лекарите што ги лечат заболените се секојдневно информирани за новите протоколи за лечење. Без разлика на сето ова, треба да се обезбедат услови за вршење обдукции кај починати луѓе за кои се сомневаме дека се заболени од некоја заразна болест. Најголемиот напредок во медицината е забележан кога се дозволило вршење на обдукциите и резултатите од обдукциите со сигурност ќе ни дадеа нови сознанија. Ние како институт никогаш не се откажавме од работење обдукции кај починати што се заразени со ковид, но се разбира, само доколку има судско-медицинска индикација.“
„Кај најголем дел од починатите што беа позитивни на ковид-19 имаше тешки оштетувања на белите дробови, бубрезите и цревата. Особено беа изразени оштетувања на белите дробови заради воспалителните промени. Кај одреден број на обдукции немаше никакви промени и веројатно тие биле или во рана фаза на инфекција или асимптоматски. Апсолутно точна бројка за починати лица заради инфекција со ковид- 19 не можеме да имаме. Тоа нема да го имаат ни останатите земји во светот.“
„Она што би сакал да го напоменам е дека не сите починати кај кои бил детектиран вирусот треба да бидат во групата починати од ковид-19. Потребни се прецизни упатства кога некое починато лице треба да се вметне во бројката починати од ковид-19. За да потврдите причина за смрт од ковид-19 мора да имате неспорни докази дека таа смрт настанала од инфекцијата со вирусот. Тоа значи потврдено присуство на вирусот со тестовите што ги вршиме плус клиничка слика што одговара на инфекција со ковид-19 и позитивни наоди од сите клинички и лабораториски испитувања, или пак обдукционен наод. Меѓутоа, сето претходно наведено, и да постои кај одредено лице, а тоа лице настрада во несреќен случај, на пример настрадал при пад од висина или струен удар, во никој случај не може да биде сместено во групата починати од ковид-19“, додава Станков.
За тоа дали требаше ли да се направи обдукција барем кај оние помладите пациенти што се сѐ почести случаи за да се види зошто е толкава смртноста и кај млади луѓе, директорот Станов е дециден дека обдукција требаше да се направи кај починатите во домашни услови и оние што починаа при прием или многу краток престој во болница, без разлика на возраста.
„Младиот организам се смета дека треба да биде поуспешен во борбата со болестите, но не е секогаш така. Вие имате пациенти што се со многу коморбидитети и дополнителни ризик фактори, а поминуваат само со домашно лекување или асимптоматски. Медицината не е црно-бело ситуација. Секој човечки организам е своја и единствена приказна. Она што е битно е дека сите треба да разберат без разлика на возрасните групи дека овој вирус е опасен, во одреден процент смртоносен и дека не одбира возраст. Ниту болеста на тироидната жлезда не е нималку безопасна, туку напротив доколку таа не се лекуваат или контролираат со сегашнава терапија, многу лесно можат да завршат со смрт на пациентот, особено пак доколку на таа болести се надоврзе инфекција со ковид-19“, завршува д-р Станков.
Според последната статистика од Министерството за здравство, вчера беа направени 2.647 тестирања, а регистрирани се 870 нови случаи на ковид-19. Институтот за јавно здравје регистрира 292 оздравени пациенти, а бројот на починати беше 14.
Од почетокот на пандемијата во државава регистрирани се вкупно 28.697 заболени од ковид-19. Од нив оздравеле 19.771, а во статистиката на починати впишани се вкупно 963 пациенти.
Во моментов има 7.963 активни случаи.