NBA-Ниту 60 поени на Кари не беа доволни за победа (ВИДЕО)

368

Рано утрово, Голден Стејт Вориорс гостуваше во Атланта на дуел со “хокси”. Регуларните 48 минути не беа доволни за да се реши победникот.

Поефикасниот напад и присебноста во продолжението беа клучни за победа на домашниот тим со конечни 141:134. Она што изненадува е податокот дека лидерот на гостите имаше фантастична поентерска ноќ која на крајот се покажа како залудна. Најдобриот шутер на сите времиња, Стеф Кари постигна 60 поени и погоди 10 тројки но, на крајот “воините” го напуштија теренот со наведнати глави. Кари стана вториот играч во историјата по легендарниот Коби Брајант кој успеал да постигне 60 поени откако наполнил 35 години.

Кај “јастребите” најефикасен беше Треј Јанг со 35 поени. Атланта стигна до четвртиот триумф едно по друго но, и покрај победничката серија сеуште се наоѓа на 9-то место во Истокот со скор 22-27. Од друга страна, разочарувачката сезона за поранешниот шампион од Оукленд продолжува. “Вориорс” имаат 21 победа и 25 порази, доволно за 12 место во Западот.

NBA FAN
Димитар Младеновски