Најреална шанса за Македонија на СП: САД имаат 18 заразени ракометари!

558

Како наближува Светското ракометно првенство во Египет (почнува утре), сè погласни се вестите за нови заразени ракометари и сè посилни се шансите дека Македонија ќе добие шанса да учествува. Најновата и досега најреална шанса е потенцијалното откажување на САД, откако детектирани биле дури 18 заразени играчи!

Американците треба да се вратат на Светските првенства првпат по 20 години, но не изгледа дека им оди добро во таа намера, бидејќи вчера добиле резултати за 18 позитивни на коронавирусот само меѓу играчите и уште неколку вклучувајќи го селекторот Роберт Хедин.

Швеѓанецот, кој се прослави како селектор на Норвешка, бил со поголемиот дел од екипата во Данска, каде што се подготвувале за СП, меѓутоа како се приклучиле нови играчи од САД, веројатно, го донеле коронавирусот, кој се раширил врз целата делегација.

„Ова е неверојатно тешко. Се тестиравме постојано и јас бев негативен цело време, но на последниот во понеделникот излезе дека 18 само од играчите се позитивни. Верувам дека оние кои дојдоа од САД ја донесоа инфекцијата, но не можеме да знаеме сигурно“, вели Хедин за скандинавските медиуми.

Она што е добро за Македонија во случајов е дека САД нема некоја база на ракометари, спортов таму е на поламатерско ниво и нема да биде туку така лесно да состават здрава, ем целосна репрезентација. Меѓутоа, она што е лошо е инсистирањето на ИХФ и на самите САД да бидат дел од овој шампионат. Впрочем, добија вајлд-карта само за да учествуваат, а уште отсега им се загарантира местото на Мундијалот во 2027 година, се со цел популаризација на овој спорт, во пресрет на Олимписките игри во Лос Анџелес, во 2028 година.

Ако САД се откажат, Македонија би дебитирала в четврток, против Австрија, меѓутоа останатите два противника се Норвешка и Франција.