Најмалку 35 луѓе се повредени денеска, кога две лица, за кои е утврдено дека се брат и сестра, поставиле и детонирале експлозивна направа во болница во перуанскиот главен град Лима, соопштија локалните власти.
Перуанската полиција претпоставува дека братот и сестрата ја поставиле експлозивната направа во знак на одмазда кон персоналот на болницата, откако нивната мајка починала таму за време на операција.
По експлозијата сите присутни во болницата биле авакуирани, а во реонот околку објектот бил предизвикан хаос и сообраќаен метеж.
Поставувачите на бомбата, кои се идентификувани како Алехандро и Клаудија Бенитес, се здобиле со потешки повреди при експлозијата и се наоѓаат на интензивна нега.
Тие претходно ја тужеле болницата за немарност поради смртта на мајка им, која починала за време на операција на тумор на мозокот.
Судот по нивната тужба ја казнил болницата со 100.000 долари, но братот и сестрата барале казни и за лекарите задолжени за нивната мајка.