Убави вести за вакцината против коронавирусот

408

Вакцината на Оксфорд дава „двојна одбрана” од новиот коронавирус, открија лица запознаени со темата. Резултатите од тестирањето во првата фаза покажуваат дека експерименталниот лек против ковид-19 е безбеден и може да предизвика надежен имунолошки одговор со неутрализирачки антитела и Т-клетки. Антителата можеби ги нема во крвотокот три месеци по оздравувањето, но пациентите сè уште ги имаат Т-клетките, кои ќе ги репродуцираат потребните антитела при повторна инфекција.

Истражувањата за вакцина што може да спречи нови инфекции со коронавирусот напредуваат со брзо темпо, во тек се над 100 вакви проекти. Ова не е гаранција дека вакцините ќе бидат ефективни, или дека некоја од нив ќе биде готова за употреба оваа година. Но гледаме сè повеќе и повеќе позитивни знаци што сугерираат дека барем некои од овие лекови ќе можат да го неутрализираат вирусот и да обезбедат имунитет од ковид-19, кој толку очајно ни треба. Колку и да трае имунитетот од вакцините, ќе им овозможи на јавноздравствените власти многу полесно да се борат со пандемијата и да ги стават жариштата под контрола.

Вакцината од Оксфорд е еден од најпознатите кандидати меѓу многуте експериментални лекови што се во напредна фаза на тестирање. Универзитетот е во партнерство со Астра зенека за масовно производство на вакцината, а овој производител на лекови веќе потпиша договор за производство на до 2 милиони дози дури и пред таа да биде одобрена. Развојот на вакцините во Оксфорд се одвива според планираното, при што има големи шанси испитувањата да завршат навреме за „лансирање“ од септември. Целосните наоди од првата фаза ќе бидат објавени во Лансет следната недела, но веќе протекоа многу детали. Вакцината ќе обезбеди т.н. „двојна одбрана“ против ковид-19, што е токму имунолошката реакција што ја бараме со оглед на неодамнешните откритија за имунитетот.

Студијата покажа дека циркулирачките антитела што можат да го неутрализираат шилестиот протеин на коронавирусот и да го спречат да се врзе за клетките може да исчезнат од крвотокот во рок од три месеци откако едно лице ќе оздрави. Но студиите покажаа дека имунолошкиот одговор е покомплициран од тоа. Незабележливите нивоа на антитела се лош знак за студиите што бараат имунитет на стадо. Сепак, оздравените од ковид-19 развиваат и други реакции што му овозможуваат на имунолошкиот систем да го препознае патогенот и да го убие при повторна инфекција. Имунолошкиот систем го памти заразниот агенс и може во иднина да изгради секундарна одбрана, што вклучува создавање нови антитела. Истото важи и за ковид-19. Т-клетките може да бидат потешки за тестирање отколку антителата, но научниците докажаа дека кај оздравените од коронавирусот има реакција и од Т-клетките.

Висок извор запознаен со истражувањето на Оксфорд за британски Телеграф рече дека нивниот кандидат нуди „двојна одбрана“ против вирусот.

Оваа двојна одбрана се состои од неутрализирачки антитела што се врзуваат за вирусот, но и од Т-клетки, кои можат да останат активни многу подолго од антителата. Првичните податоци покажуваат дека вакцината е безбедна и нема значајни несакани ефекти.

„Можам да ви кажам дека сега знаеме дека вакцината од Оксфорд ги опфаќа двете основи – произведува реакција и од Т-клетките и од антителата“, рече лицето. „Токму комбинацијата од двете се надеваме дека ќе ги штити луѓето. Досега е добро. Тоа е важен момент. Но ние сè уште имаме долг пат“.

Првата фаза на оксфордската вакцина опфати 500 волонтери, а научниците го испитуваат лекот и на група од 5.000 луѓе во Бразил. Сега, тестовите во третата фаза, во која има повеќе од 8.000 учесници, се речиси завршени, според извештајот. Британскиот министер за здравство, Мет Ханкок, во средата навечер изјави дека најдоброто сценарио е вакцината да биде достапна оваа година, но „најверојатно“ ќе биде готова во 2021 година.

Студијата од првата фаза на Модерна исто така посочи дека нејзиниот кандидат за вакцина може да даде двојна одбрана против вирусот. Телеграф објаснува дека можеби е неопходно вакцините да даваат ваков вид напредна заштита за да се зголеми имунитетот кон ковид-19. Не сите кандидати за вакцина ќе произведат и Т-клетки, се забележува во извештајот. Наводно, барем еден голем кандидат за вакцина во Кина не предизвикува создавање Т-клетки, но Телеграф не го наведува името на лекот.

Претседавачот на Комисијата за истражувачка етика во Беркшир (РЕЦ) Дејвид Карпентер изјави за весникот дека тестирањата во Оксфорд дефинитивно сè уште се на добар пат.

„Тие можат да ги зацврстат наодите со таргетирање на луѓето во болниците, здравствените работници, каде што е поверојатно ширењето“, рече експертот. „Никој не може да даде крајни датуми… работите може да тргнат наопаку, но реалноста е дека со соработувањето со голема фармацевтска компанија, таа вакцина би можела да биде прилично широко достапна околу септември и тоа е целта на која тие работат.“