Михајловски: Самсоненко го исплати долгот, Вардар е чист кон ЕХФ

1000

Првиот човек на Вардар 1961, Михајло Михајловски, говореше на прес-конференција пред стартот на официјалните натпревари на екипата оваа сезона. Газдата на најтрофејниот ракометен клуб од Македонија уште еднаш го потврди учеството во Лигата на шампионите, кажа дека депозитот кон ЕХФ е исплатен, а истовремено порача дека треба и други спонзори да се приклучат на овој проект.

„Имавме хендикеп и големи нервози кога ЕХФ соопшти дека нашиот настап во Лигата на шампионите е доведен под знак прашалник поради стари обврски. Има тројца играчи кои пријавиле во ЕХФ и од таму потекнува целата таа сторија. ЕХФ инсистираше на некоја нивна конзервативна и неприфатлива идеја да се депонира милион евра за да се има пари да се исплатува ако некој тужи.

Во директни контакти се договоривме со челниците на ЕХФ. Се исплатија играчите по 700.000 евра, а остантите 300.000 евра се како депозит кој стои и тие може да се искористат. Мојата функција во тие преговори беше начинот да се смени плаќањето на тие средства, а за останатите средства беше задолжен Сергеј Самсоненко. Со тоа нема условување дали Вардар 1961 ќе игра во Лигата на шампионите.

Но, тоа ни направи проблем, затоа што ланските спонзори чекаа да се заврши со ЕХФ целиот проблем, па да преговараме. Тоа не успори за договорите за спонзорирање со Вардар. Бидејќи сега имаме чист терен пред себе, јас го користам овој прес да испратам апел до сите досегашни спонзори да се обнови договорот и да дојдат некои нови потенцијални спонзори да го помогнат Вардар. Сепак, ние сме двократен европски првак и клуб со јавен интерес. Најдобар клуб од државата. Очекувам институции од градот, од владата, од општините и некои државни јавни претпријатија да го помогнат овој проект и она кое се зацрта да се оствари. Наша цел е да се влезе во ТОП-8 во Европа, да се игра финале на СЕХА лигата и да се освои двојната круна во Македонија“, изјави Михајловски.

Михајловски истовремено ја критикуваше одлуката на Ракометната федерација на Македонија да се игра од стартот на домашното првенство. Истакна дека Вардар 1961 ќе користи повеќе домашни ракометари, со цел главните играчи да бидат повеќе освежени во Лигата на шампионите.

„Ракометната федерација донесе една непринципиелна и нелогична одлука, Вардар да игра од почетокот на првенството. Тоа значи дека ќе играме и дома и во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите. Се работи за 70 натпревари годишно, за неполни десет месеци. Во тие имаме и две ЕХФ-недели, Европското првенство, кое ќе се игра во јануари, и тоа мислам дека ниту во НБА лигата го нема на годишно ниво. Вардар оваа година ќе стартува со ростер од 25 играчи, ќе им се даде шанса на македонските играчи дома и во СЕХА лигата да стекнат искуство, за во иднина да се потпираме на домашни играчи“, додаде Михајловски.

Газдата на „црвено-црните“ не го менува ставот, вели дека оваа екипа која ја има Вардар е за 30% посилна од онаа лани.

„И понатаму стоиме на ставот кој го кажавме минатиот прес дека оваа екипа е 30% посилна од лани и понатаму стоиме на тоа. поразот од Eурофарм Пелистер на Суперкупот нѐ боли, ама не нѐ загрижува многу. Имаме нови играчи кои треба да се воиграат. Во Струга одигравме добро, задоволни сме“, заврши Михајловски.

Следните натпревари за Вардар 1961 ќе бидат од пријателски карактер, на турнир во Магдебург. Првиот официјален натпревар е против ППД Загреб во СЕХА-лигата на 26 август.