Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска објави дека телефонски разговарал со словенечкиот премиер Јанез Јанша од кого побарал да испрати тим од доктори и експерти од Словенија во Македонија којшто ќе помогнат во пренесување на своите искуства и знаења за надминување на коронакризата.
Јанша, како што посочува Мицкоски на својот профил на Фејсбук, веднаш се согласи да испрати помош доколку за тоа постои волја кај македонските здравствени власти, тим на врвни доктори кои ќе ни помогнат во справување на состојбите.
Во таа насока, како што пишува, Мицкоски разговорал и со министерот за здравство Венко Филипче и го запознал со идејата и подготвеноста на премиерот Јанша да помогне.
-Тој ја прифати идејата и изрази уверување дека ќе обезбеди комуникација со словенечкото министерство за здравство за реализација на хуманата идеја, наведува Мицкоски.
Упатува благодарност до Република Словенија и премиерот Јанез Јанша што, како што пишува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, повторно излегува во пресрет и поддршка на нашата земја потеницрајќи дека ќе продолжи во рамките на своите сили и можности да се бори за заштита на здравјето на нашите граѓани и справување на комплицираната здравствена состојба. Апелира до Владата да ги искористи своите контакти за меѓународна помош.
-Апелирам до владата да ги искористи своите контакти и позиции и да доведе меѓународна помош која е добредојдена во овие моменти. Бројките се поразителни и укажуваат на тоа дека ни е потребна итна помош. Колку побрзо го признаеме тоа, толку повеќе ќе спасиме животи, посочува лидерот на опозициската партија Мицкоски.