Мас: Мигрантскиот спор го наруши угледот на Германија

794

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас изјави дека спорот меѓу двете коалициски партии – Христијанско демократската унија (ЦДУ) и Христијанско социјалната унија (ЦСУ) околу положбата на мигрантите, го нарушува угледот на земјата во светот и и нанесува штета на Владата на канцеларката Ангела Меркел.

– Националните решенија не се никакви решенија, изјави Мас, по средба со бугарската колешка Екатерина Захариева, на која се заложи за изнаоѓање европски решенија за прашањето на мигрантите.

На минатонеделниот самит на Европската Унија, Меркел постигна неколку билатерални договори за мигрантските прашања, во обид да ја надмине поделбата во Владата. Германскиот Бундестаг воедно се согласи од август да испрати вооружени сили за да помогнат во контролата на бугарската граница.

Баварската конзервативна партија ЦСУ, која е долгогодишен коалициски партнер на ЦДУ на Меркел, и чиј лидер Хорст Зехофер е министер за внатрешни работи, бара заострување на односот кон мигрантите.

Според Зехофер, Германија треба да им одбие влез на мигранти кои веќе поднеле барање за азил во некоја друга членка на ЕУ или се регистрирани како бегалци. Меркел ги отфрла овие барања, додека третиот коалициски партнер, Социјалдемократската партија на Гермнаија (СПД)м на која и припаѓа и Мас, има уште полабав пристап кон мигрантите.

Меркел и Зехофер попладнево треба да се сретнат во Берлин да разговараат дали е можно да опстои коалицијата меѓу ЦДУ и ЦСУ.

Премиерот на Баварија Маркус Зодер предупреди дека раскинувањето на коалицијата ќе ја ослабне ЦСУ во пресрет на октомвриските регионални избори. Доколку Зехофер ја напушти коалицијата со Меркел, можно е ЦДУ првпат по подолго време да поднесе свои кандидатски листи во Баварија, со што би се поделило гласачкото тело на ЦСУ, кое веќе е намалено со пребегувањето на дел од гласачите на контото на антиимигрантската екстремно десничарска Алтернатива за Германија (АФД)