Малолетник со потекло од Македонија се заканил со терористички напад во Виена

100

Австриската полиција уапси 15-годишен Австриец со македонско потекло за закана за терористички напад среде Виена, пренесува Танјуг.

Младиот човек се закани дека ќе ја разнесе катедралата во Виена денес во 13 часот бидејќи австрискиот премиер Себастијан Курц не му одговори на неговиот повик за онлајн разговор.

Откако бил утврден идентитетот на лицето кое ги искажало заканите на „четот“, полицијата го спровела апсењето преку нивните специјални единици.

Младиот човек досега не ѝ бил познат на полицијата, а полициските службеници во моментов проверуваат дали неговата закана е поврзана со исламскиот тероризам.

По апсењето, малолетникот изјавил дека нема намера да ја изврши својата закана и дека наводно станува збор за „шега“.

Тој исто така изјавил дека не бил свесен за последиците од неговите постапки. Детето сега е во истражен затвор, а полицијата спроведува понатамошна истрага.

По терористичкиот напад во ноември, австриската полиција многу сериозно ја сфаќа секоја закана и дејствува многу побрзо од порано.

Терористичкиот напад, во кој беа убиени четири лица, а дваесетина беа повредени, го изврши Австриецот со албанско-македонско потекло, Кујтим Фејзулаи.