Малку забава од Маврово: Погледнете како кафеава мечка си прави „селфи“ (ВИДЕО)

909

Програмата за закрепнување на Балканскиот Рис повеќе од десет години во континуитет работи на заштита на критично загрозениот Балкански Рис.

Активностите воглавно се насочени кон лобирање за прогласување на нови заштитени подрачја, вклучување на локално население во заштита, истражување, едукација и мониторинг на Балканскиот Бис во југозападен Балкан.

 

Со помош на фотозамките во рамките на овој проект е направена една интересна фотографија од кафеава мечка, која е налик на познатото „селфи“.

Оваа фотографија е споделена на официјалната Фејсбук страна на Националниот Парк Маврово и предизвика многу реакции од љубителите на животни.

Пред неколку дена пак, во рамки на истиот проект, беше објавено и видео од дивиот свет на Националниот парк, на кое исто така се гледа кафеава мечка.

Инаку, тимот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис од Македонско еколошко друштво заедно со вработени во Националниот парк „Маврово“ пред неколку месеци го обележаа рисот и до денес успешно се следи неговото движење. Се работи за млад мажјак стар околу 2 години и тежок 19 килограми.

„Откако вработени од националниот парк „Маврово“ ни јавија за плен на дива коза, се вративме на местото и рисот беше фатен со специјална замка. Рисот се врати по 6 часа а целата процедура за земање телесни мерки и крв траеше околу еден час, по што рисот беше пуштен на слобода. На овој терен имавме и помош од експерт за рис од Словенија, Миха Крофел“, изјави Диме Меловски, раководител на Програмата за закрепнување на балканскиот рис во МЕД.

Според тимот од Програмата за закрепнување на балканскиот рис интересно ќе биде доколку овој рис нема воспоставено своја територија. Во тој случај ќе може да се открие кои патишта и коридори ги користат рисовите со цел да го најдат својот дом. Од големо значење ќе биде да се следи рисот во наредните неколку месеци.

Пред помалку од еден месец МЕД и НП „Маврово“ го обележаа со ГПС околувратник досега најтешкиот рис од кога се спроведува оваа постапка во Македонија, а тоа беше рисот тежок 27 килограми којшто публиката го крсти Бистри.