Македонската кошаркарска репрезентација имаше еден од најдобрите мечеви во својата понива историја.
На гостувањето во Полска, нашите момци ја остварија првата победа во квалификациите за Европското првенство, со убедливи 96:71. По поразот од Естонија пред четири денови, нашите кошаркари брзо се вратија во посакуваниот ритам. Победата е уште по слатка доколку се има в предвид дека е извојувана против полуфиналист на последниот Евробаскет, каде Полска ги изненади сите со својот пласман помеѓу четирите најдобри на турнирот.
По неизвесната прва четвртина Македонија ја превзема контролата на натпреварот. Нашиот тим доминираше во мечот и имаше предност од над 20 поени во вториот дел. Победата во ниеден момент не беше доведена во прашање. Местрална партија одигра Ненад Димитријевич, кој постигна дури 32 поени со по 8 скокови и асистенции, додека натурализираниот Итан Хип постигна 19 поени со 9 скокови и 5 асистенции. Двоцифрени беа и Стојан Ѓуроски со 17 поени и Андреј Маслинко кој постигна 10 поени. Полска настапи без својот лидер Матеуш Поњитка (кој се врати во Партизан за да се подготвува за мечот со Анадолу Ефес) а во негово отсуство најдобар беше Михал Михалак со 20 поени, додека Марчин Соколовски постигна 15 поени.
Во моментов првопласирана во нашата група “Х” е репрезентацијата на Естонија со две победи од два натпревари. Следат Македонија и Литванија со 1-1, додека Полска е 0-2.
Од групата покрај домаќинот Полска, одат двете најдобри селекции.
Димитар Младеновски