Лимузината на Ким влезе во Ханој: Погледнете како е дочекан лидерот на Северна Кореја во Виетнам и кога се состанува со Трамп

854

Црната лимузина на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, влегла во престолнината на Виетнам, Ханој, каде утре ќе се одржи средбата меѓу Ким и Доналд Трамп.

Патиштата денес биле затворени, од границата со Кина па се до Ханој, во должина од околу 170 километри, а војниците и полицијата го чуваат хотелот “Мелиа” каде што Ким треба да престојува. 

Голем број на граѓани и медиуми стоеле зад барикадите со надеж дека ќе го видат лидерот на Северна Кореја.

Пред славната зградата на Операта и околу хотелот Метропол, за кој се претпоставува дека ќе биде местото на одржување на самитот, стотици луѓе се собрале и чекале да ја видат поворката од автомобили.

Јапонската телевизија “TBS” го прикажала лидерот на Северна Кореја кој направил “пауза за цигара” во зората на железничката станица Нанинг во Кина, по што продолжил со патот во Ханој.

На снимката на TBS се гледа Ким во разговор со севернокорејски службеници, како и жена со кристален пепелник која личи на сестрата на Ким, Ким Јо Јонг.

На влезот во железничката станица Ким бил дочекан од ученици кои вееле севернокорејски и виетнамски знамиња.

Ким пристигнал во Виетнам по речиси 70-часовно патување со воз, а многу често бил гледан со цигара во рака.

Тој допатувал со група со соработници, вклучувајќи ја и неговата влијателна помлада сестра.

Лидерот на Северна Кореја допатувал допатувал со својот специјален зелено-жолт оклопен воз до станицата Донг Данг, на кинеско-виетнамската граница, и потоа до Ханој го продолжил патот со црна лимузина мерцедес.

Севернокорејските службеници, кои претходно отпатувале во Виетнам, вклучувајќи го и неговиот висок службеник за односи со САД, Ким Хјок Чол, се собрале на железничката станица да го дочекаат Ким.

На станицата Донг Данг, го дочекале и виетнамски војници кои го поздравиле Ким со црвен тепих под голем број на севернокорејски и виетнамски знамиња.

Голем број на луѓе се собрале на патот во близина на станицата иако било студено и дождливо утро, наведува американската агенција.

Ким се ракувал со виетнамските службеници и им мавтал на насобраните луѓе, а потоа влегол во лимузината, окружена со околу десетина телохранители кои трчале додека колата се движела.

Телохранителите, исто така, трчале околу лимузината и минатиот јуни на самитот со Трамп во Сингапур, како и за време на средбата на Ким со јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин.

Ким и Трамп, кои се состануваат втор пат, би требало да разговараат за нуклеарната програма на Северна Кореја.

Самитот на двајцата лидери ќе се одржи во среда и четврток во Ханој.

Минатата година во Сингапур, Трамп и Ким се договориле да работат на целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров.

Трамп пред поаѓањето за Виетнам соопштил дека се радува на “многу продуктивниот самит” со севернокорејскиот лидер.