Лига Европа: Славија падна пред Челзи, Ајнтрахт ја совлада Бенфика

914

Славија Прага се држеше добро и во првиот меч против Челзи, но загуби со 1:0, а чешкиот претставник се прикажа во добро светло и во Лондон, но „Сините“ на крајот во спектакуларен меч со седум гола успеаја да се пласираат во полуфиналето.

Челзи фуриозно го отвори натпреварот, поведе по само пет минути игра. Аспиликуета, Жиру и Педро одиграа фантастична акција, а Педро ја круниса за водство од 1:0.

Само пет минути подоцна Педро се најде во фантастична ситуација, но од мала оддалеченост ја погоди стативата, но топката се одби од фудбалерот на гостите и заврши во мрежата за водство на Челзи од 2:0.

Во 17. минута повторно Педро одработи фантастична работа и го проигра Жиру кој лесно погоди за 3:0.

Славија во 26. минута успеа да намали на 3:1 и тоа откако Соучек фантастично реагираше по нафрлувањето на Шевчик од корнер. Само минута подоцна Педро по шутот на Жиру дојде до одбиената топка и го постави резултатот на првото полувреме (4:1).

Сепак, Славија покажа голема желба, па во вториот дел успеа да го ублажи поразот и чесно се прости од Лигата на Европа. Во 51. минута Шевчик постигна фантастичен гол од далечина за 4:2, а истиот играч само четири минути подоцна од слична позиција постигна уште еден убав гол и намали на 4:3.

Славија сепак не успеа да го избегне поразот, додека Челзи го приведе мечот кон крајот и го прослави својот пласман во полуфиналето каде ќе се соочи со екипата на Анјтрахт Франкфурт кој успеа да го анулира поразот во Лисабон од 4:2 и со 2:0 на домашен терен се избори за место меѓу четирите најдобри.

Филип Костиќ се најде во вистинско време на вистинско место во 37. минута и ја затресе мрежата на гостите за 1:0, но од очигледен офсајд, а со оглед на тоа дека не постои ВАР во Лигата на Европа, гостите можат да се жалат дека се сериозно оштетени.

Роде во 67. минута стрелаше за 2:0 и огромна радост на навивачите во Франкфурт, а до крајот на натпреварот Бенфика не успеа да постигне гол и со тоа Ајнтрахт си обезбеди место во полуфиналето, благодарение на правилото за гол на гости.

Валенсија и со втората победа во двомечот со Виљареал го потврди пласманот во полуфиналето од Лигата на Европа, откако на „Местаља“ славеше со 2:0.

„Лилјаците“ во двете полувремиња постигнаа по еден гол и така без поголеми проблеми се пласираа меѓу четирите најдобри во ЛЕ со вкупни 5:1.

Водечкиот гол за домаќините го постигна Антонио Латоре по асистенција на Гонсало Гуедеш во 13. минута.

Во 54. минута со многу среќа погоди Даниел Парехо. Капитенот на Валенсија шутираше од слободен удар, топката го погоди живиот ѕид, ја промени насоката и заврши во мрежата.

До крајот на мечот гостите беа поопасни, добри шанси имаа Виктор Руиз и Ману Морланес, но беа непрецизни.

Валенсија во полуфиналето ќе игра против Арсенал кој беше подобар во двомечот со Наполи.

„Топчиите“ славеа со 2:0 на првиот натпревар во Лондон, а на реваншот, благодарение на голот од слободен удар на Лаказет дојдоа до вкупна победа од 3:0.

Наполи имаше иницијатива во текот на целиот натпревар, уште пред натпреварот многумина очекуваа и сметаа дека Италијанците имаат сила да дојдат до целосен пресврт, но не успеаја, а Арсенал излезе како двоен победник од двомечот.

„Топчиите“ се бранеа во најголемиот дел од мечот на „Сан Паоло“, а на крајот успеаја да слават со минимални 1:0 во Неапол. Трагичар на натпреварот е Аркадиуш Милик кој пропушти голем број шанси, па залуден беше и константниот притисок на домаќините.