Режисерот Френсис Форд Копола најави дека ќе објави нова, премонтирана верзија на „Кум 3“, која ќе биде „посоодветен заклучок“ на трилогијата за шефот на мафијата Мајкл Корлеоне.
Филмот, како што пренесува порталот Н1, ќе го промени и насловот во „Кумот на Марио Пузо, Епилог: Смртта на Мајкл Корлеоне“.
– Тоа е потврда за насловот што го посакувавме јас и Марио и нашите првобитни намери во врска со она што на крајот излезе „Кум 3“ – изјави Копола.

Филмот е обновен во висока 4К резолуција.
– За оваа верзија на финалето направив сам нов почеток и крај и преработив некои сцени, кадри, како и музиката. Со овие промени и обновената слика и звук, според мене, тоа е посоодветен заклучок за првиот и за вториот дел на „Кум“ – навел режисерот.
Новата верзија на „Кум 3“ ќе се дистрибуира во ограничен број киносали во декември.
Копола во 2008 година објави обновени верзии на првиот и на вториот дел од „Кум“, а во меѓувреме го објави и „последниот рез“ на „Апокалипса денес“.