Контроверзниот саудиски принц најавува ренесанса: За пет години Блискиот исток ќе го претворам во Европа

428

Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамад Бин Салман вети дека во следните пет години ќе ја промени економијата на Блискиот исток и овој дел од светот ќе го претвори во, ни помалку, ни повеќе – Европа.

„Верувам дека Блискиот исток е новата Европа. Кралството Саудиска Арабија за пет години ќе стане многу поинакво. Бахреин, Кувајт, па дури и Катар, без оглед на различноста на нашите економии, тотално ќе се променат. Исто како и Јордан, Египет и Ирак“, изјави Бин Салман и додаде:

„Ако тоа ни успее за пет години, тогаш ќе се случи ренесанса на Блискиот исток“, порача принцот Мохамед говорејќи на инвестицискиот форум во саудискиот главен град Ријад.

Според зборовите на саудискиот принц, тој повеќе не сака Блискиот исток да биде на „периферијата“ на светот.

Инаку, деновиве се одржува економскиот форум во главниот град на Саудиска Арабија, а многумина форумот го нарекуваат „Пустинскиот Давос“. Сепак, сето тоа се одржува во позадина на скандалот по повод убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул.

Токму поради убиството на новинарот, многу претставници на најмоќните западни компании ја откажаа посетата на Ријад. Како и да е, само на првиот ден од форумот биле потпишани договори вредни повеќе од 50 милијарди долари.