Кога познатите беа деца: Ги препознавате ли слатката мала „крофна“, струмичката „пулицајка“ и скопското „магаренце“? (ФОТО)

150

Постои една позната изрека која вели: „Ѕвездата е родена“, ама пред неа постоои уште една многу постара, наша поговорка, која пак кажува: „Никој не се родил ниту учен, ниту славен“…

Така и нашите, македонски естрадни фаци не се родиле познати, иако рака на срце, некои од нив веќе потекнуваат од многу познати семејства, од каде ги наследиле талентот во гените и уште во старт дел од славата!

На овие три фотографии се две девојчиња и едно момче. Тогаш само слатки мали дечиња во предучилишна возраст, денес познати и етаблирани естрадни имиња. Сите тројца и припаѓаа на естрадата, а оној од посилниот пол и на глумата.

Но, да тргнеме со ред…

Русокоса и тогаш и денес, со симпатични детски црти на лицето и невин поглед… Впрочем како и секое детенце на таа возраст. Помалку збунета на фотографијата на која главна играчка покрај нејзиното кученце од бел плиш, е полицискиот мотор… И тој играчка се разбира.

„На времето ка сакаах да станам пулицајка“ – напишала на својот „мајчин“ струмички дијалект денес познатата девојка која сепак не стана полицајка. Пендрекот го замени со микрофонот, а полициската станица со естрадната сцена.

Ако се’ уште не ви е јасно за кого се работи и не ја препознавате, пејачката Александра Јанева е подготвена да ви слета како комета за да го поправи или развесели вашето расположение со својот моќен вокал и нејзините песни.

Втората русокоса малечка денес и е колешка на првата, а на фотографијата е девојченце во розово издание, со широко отворени очи, симпатична насмевка, слатка како… „крофничка“!

А, „слатката мала крофничка“,  денес е предводник на дамите од новата пејачка генерација на естрадата. Со моќен вокал и веќе доволно стекнато искуство, на добар пат е да ја покори не само домашната сцена туку и регионот.

Можеби звучи претенциозно и невозможно, но… „Никогаш не вели никогаш“, како што пее и самата таа – Антониа Гиговска.

За крај, тој, единственото момче меѓу двете девојченца тогаш, или единствен џентлмен меѓу двете дами денес. Најпознат од сите нив, како впрочем и од многумина други, со најдолг стаж и најголемо искуство. И на естрадата и на штиците што живот значат, телевизијата, филмот… Мултимедијален уметник, актер, водител, пејач, забавувач, шоумен…

 

„Шо убаво дете бев, шо магаре станав“ – напишал покрај фотографијата на која се присеќа на 25 годишнината од премиерата на неговата монодрама „Детски работи“. Самарот на животот и сопствената судбина се уште го носи на грбот, иако ова самарче не е она – волшебното…

„Староста доаѓа“, а неговата популарност, важност и значење не проаѓа… Да, да… маестро Игор Џамбазов се крие зад ликот на оној „жолтоклунец“ во плетени куси панталончиња кој стои… со прстот в уста!