Македонскиот ракометен репрезентативец Кирил Лазаров доби ново признание во кариерата и е изгласан за најдобар десен бек на декадата во изборот на реномираната интернет-страница „Хендбол планет“.
Во анкетата Лазаров освои 67% од вкупните гласови во борбата за десната бековска позиција. На Кире му припаднаа 6.400 гласа и тој заврши пред Ласло Наѓ (23%, 2,179 гласа) и Алекс Душебаев (10%, 997 гласа). Исто така, Лазаров доби и најмногу гласови од жирито – вкупно 34.
Вардарецот Тимур Дибиров е прогласен за најдобро лево крило, а признание има и за некогашниот вардаров голман Арпад Штербик.
- Тимот на декадата во анкетата на „Хендбол планет“:
Лево крило на декадата: Тимур Дибиров (Вардар)
Лев бек на декадата: Микел Хансен (ПСЖ)
Плејмејкер на декадата: Домагој Дувњак (Кил)
Десен бек на декадата: Кирил Лазаров (Нант)
Десно крило на декадата: Лук Абало (Елверум)
Голман на декадата: Арпад Штербик (пензиониран)
Пивот на декадата: Бјарте Мирхол (Скјерн)
Дефанзивец на декадата: Виран Морос (ПСЖ)
За најдобар ракометар во последната декада избран е францускиот репрезентативец и член на ПСЖ, Никола Карабатиќ.