Благоја Грујоски: Се борев за мојот живот, а мајка ми на 82 години помина многу полесно вирусот

145

Пред десет дена заврши моето болничко лекување од корона вирус и се вратив дома. За искуството, што да ви кажам, мора да се разбие таа фама дека има правила, дека младите и здрави луѓе лесно го пребродуваат, а на удар се само старите и болните. Од сопствено искуство и од она што го видов на клиника, стереотипот не важи за вирусот – вака ја започнува за ,,Фокус” својата приказна фолк пејачот Благоја Грујовски, кој изминатиот период ја извојува битката за својот живот.

Вели дека веќе бил многу подобар, но јасно му било дека е потребно време се да се среди и да се врати на стариот живот, да го зајакне имунитетот и да продолжи таму, каде болеста го прекинала во чекор.

-Многу лекарства примив, бев хоспитализиран првин на одделение во Осми Септември, а потоа и на клиниката Аџибадем Систина, бидејќи мојата состојба беше крајно сериозна.

Целиот живот сум бил здрав како дрен, не верував дека вирусот може така да ме покоси… Од друга страна пак, мојата мајка која има 82 години, која е со хронично срцево заболување, помина со лесно. Поради годините, би рекол, таа едвај стоеше на нозе, јас одев да ја негувам пред да се инфицираме. Но, за среќа, нејзините симптоми беа лесни. Не знам дали е тоа бидејќи таа целиот живот беше здрава, дури и сега на овие години има добра крвна слика, кој би можел да каже? Поентата ми е дека мора да се разбие фамата, дека ако си млад, лесно ќе заздравиш. Нема тука правила – појаснува Грујовски.

Вели дека на клиника биле хоспитализирани и лица помлади од него, во своите дваесетти и триесетти години, со тешки симптоми.

-И со лекарите разговаравме за тоа, дека ете и науката уште нема одговори. Короната не познава виталност, и сите мора тоа сериозно да го сфатат, бидејќи е непредвидлива болест.