Тајландскиот залив, кој по филмот “Плажа” станал познат ширум светот, ќе остане затворен до 2021-ва година, бидејќи неговата флора и фауна се тешко нарушени поради огромниот број на посетители.
Заливот Маја, на островот Фи Фи Ле, бил привремено затворен минатата година. Пред тоа секој ден го посетувале до 5.000 луѓе.
Како резултат на тоа, повеќето корали угинале, објавува “BBC”.
Властите сега ја продолжиле забраната за посетители на уште две години, за да му се даде повеќе време на еколошкото закрепнување на заливот.
Плажата е клучно место за приказната на филмот во кој главната улога ја толкувал Леонардо Дикаприо.

Откако плажата била затворена минатата година, во нејзините води биле видени и ајкули.
Професорот Тон Тамронгнавасават, кој го советува тајландското министерство за национални паркови, во јануари рекол дека бројот на посетители, кога заливот ќе биде повторно отворен, ќе биде ограничен.
На чамците повеќе нема да им биде дозволено да се закотвуваат.
