„ЈУГОХРОМ“ ПОВТОРНО БИ МОЖЕЛ ДА ПРОРАБОТИ НАЕСЕН ОТКАКО ЌЕ СЕ ДОИЗГРАДИ ФИЛТЕР СТАНИЦАТА

192

Постојат изгледи фабриката за феролегури „Југохром“ во Јегуновце повторно да проработи до крајот на оваа година. Така најавуваат раководните лица на овој некогашен металуршки гигант, кој пред пет години престана да работи зашто не можеше да ги исполни условите за добивање на А-интегрирана еколошка дозвола. Услов за тоа беше да изгради филтер станица за прочистување на гасовите кои излегуваат од процесот на производство. Таа почна да се гради во кругот на фабриката во 2017, но беше поставен само дел од металната конструкција и тука работите престанаа поради немање финансиски средства. Од фабриката сега најавуваат дека има изгледи напролет да продолжи изградбата на филтер станицата.

„Имаме начелна одлука за тоа од сопственикот на фабриката, кој живее во Лондон, а беше тука пред два месеца. Сега сме во интензивна комуникација со компанијата која почна да го гради системот околу начинот на исплата на преостанатиот долг за да можат да ја довршат челичната конструкција. Чекаме да помине зимскиот период, па во март или април да се почне со тие градежни активности“, изјави Васко Скендеровски, генерален директор на „Југохром“.

Филтер станицата почна да се гради во 2017, но беше поставен само дел од металната конструкција (Фото: З. Андонов)

Според тогашните проценки, системот за отпрашување на гасовите кои се испуштаат при топењето на рудата требаше да чини околу 12 милиони денари и требаше да опслужува само две од осумте печки во кои се вршеше топењето.

„Според мои проценки, работите би требало да траат некаде до јули. Потоа би се поставиле филтрите, односно целата постројка како станица за печките број 7 и 8 би била готова околу октомври/ноември. Системот за отпрашување е предвиден само за тие две печки, кои доколку почнат да функционираат, би имало работа за околу 400 луѓе, сосе сегашната администрација, која проценувам ќе треба да се зголеми“, вели Скендеровски.

Додека „Југохром“ работеше, постојано беше на удар на екологистите од Тетово, кои го посочуваа како еден од најголемите загадувачи на воздухот во Тетовско. Откако не успеа да обезбеди А-интегрирана дозвола за работа, односно не успеа да ги изгради потребните филтри, Државниот инспекторат за животна средина наложи производството да престане, па фабриката на 1 ноември 2016 престана да работи, а над 700 вработени останаа без работа. Во 2017, работниците од „Југохром“ одржаа три протести и го блокираа автопатот Тетово-Скопје

„Југохром“ почна со производство во 1955 година и главна дејност му беше преработка на легури од феросилициум. Фабриката долго време беше еден од најголемите извозници во Полошкиот Регион, па и во Макдеонија и во најдобрите години извезуваше феросилициум во вредност од над 50 милиони долари.