Речиси една четвртина од Македонците живеат во сиромаштија

765

Црвен крст и невладините организации во Македонија проценуваат дека околу 450.000 луѓе или 22 проценти од жителите живеат во сиромаштија.

Како што пренесува ТВ Телма, тие граѓани немаат доволно оброци на ден.

“Бројките што ги користевме од Државниот завод за статистика велат дека има 445.000 луѓе кои живеат под прагот на сиромаштијата, а во 2017-та година тој број изнесувал 460.000. Граѓаните, кои државата ги води како сиромашни, не можат да ги имаат сите неопходни оброци во текот на денот”, вели Блаже Јосифовски од невладината организација “Сите Сити”.

Како што наведува Телма, Црвен крст и невладините организации во Македонија на терен бројат колку луѓе живеат во сиромаштија и какви им се приходите. Се води сметка за бездомниците на скопските улици, кои се движат на вообичаени локации во градот, и си помагаат едни на други.

Во скопскиот пункт за бездомници “Момин поток” има 32 кревети, но, како што наведуваат вработените во овој пункт, бидејќи бројот на бездомници е значително поголем, принудени се да поставуваат душеци на подовите за да примат што поголем број, посебно во текот на зимата.

Овој пункт на Црвениот крст за бездомници работи веќе 10 години, бездомниците два пати неделно добиваат ручек, но и сместување во текот на зимата.