Јаховиќ остро му реплицира на Ангеловски: Дали да се смеам, или да плачам

77

Адис Јаховиќ, фудбалерот на турски Анталијаспор, реплицира на изјавата на селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, кој во гостување во ТВ Алфа зборуваше за играчот и зошто тој не е во репрезентацијата.

Ангеловски ја кажа својата приказна зошто Адис Јаховиќ не е во националниот тим. Образложи дека тој си заминал по натпреварот со Лихтенштајн и најавил дека повеќе нема да игра за репрезентацијата. На таа изјава возврати фудбалерот.

„Не знам дали да се смеам или да плачам од вакви изјави, затоа што некои немаат м**иња да кажат што е вистината од страв да не загубат работа или образ. Зошто не кажеш зошто не ме повика по промашениот пенал со Израел, па по една година пак ме повикуваш? Зошто после повик не ме стави во игра, ако сум ти кажал дека не сакам да играм повеќе за репрезентацијата?
Заборавив дека имаш свои играчи или ти било наредено тоа во тоа време. Зошто не добив премија од 750 евра за натпреварите со Италија и Лихтенштајн, каде се тие пари, во кој џеб заминаа? Зошто не ми се јави никогаш додека бев дел од репрезентацијата, а кај некои играчи одеше во државите кадешто играат? Така што, те молам немој да изјавуваш нешто за да се оправдаш. Погледни ја мојата статистика во последните четири-пет години, нема што да се каже…
Адис се откажал од репрезентација? Па и Пандев се откажа од репрезентацијата, па отиде да го молиш да се врати назад, зошто? Нормално е дека ќе одиш, затоа што тој е најдобар наш фудбалер на сите времиња и дека е потребен на репрезентацијата. И правилно си направил, така треба. Јас не сакам да се споредувам со него затоа што ниту еден од Македонија не смее да се споредува со Гранде Пандев, а дали мене ми се јави некогаш да прашаш дали Адис си променил мислење да се вратиш назад, затоа што ѝ требаш на репрезентацијата?
Нема ниту еден играч во светот кој не сака да игра за својата родена земја. Јас кариерата не ја направив со тоа да сум нечиј играч во репрезентацијата, јас со мојата работа и голови дојдов до овде каде сум и во репрезентација дојдов на 26 години со мојата статистика, работа и голови. И последната моја изјава беше дека ако сум потребен на репрезентацијата и мислат дека можам да помогнам, секогаш сум тука за мојата Македонија. А, да ме повикаат за да се исперат пред други, или некои други работи во позадина, не ме барајте за тоа. Фала многу и среќно“, гласи обраќањето на Адис Јаховиќ.

33-годишниот Јаховиќ во изминатите години игра во Турција и бележи успешни настапи во нападот. Сега го носи дресот на Анталијаспор, а претходно настапуваше за Малатијаспор, Коњаспор и Гезтепе.