Хорор на Филипините: Удари на ветер од 320 километри на час, супертајфунот носи жртви

382

Супертајфунот “Мангкут” во петокот дивеел на североисточниот брег на Филините, а околу 5,2 милиони луѓе, чии домаќинства се наоѓаат на патот на многу деструктивниот тајфун, се предупредени да не излегуваат од дома.

Според последните информации, две лица загинале, причинета е голема материјална штета во регионот, каде властите претходните два дена вршеле евакуации.

Според зборовите на сведоците, олујни ветрови и силен дожд ги корнеле тенките лимени кровни плочи и довеле до снемување на струја.

Тајфунот го погодил крајбрежниот град Багао во провинцијата Кагајан, на островот Лузон, земјоделско подрачје богато со полиња со ориз, подложено на поплави, и планински области, на кои има честа појава на свлечишта.

Како што јавил “Reuters”, повеќе од 9.000 луѓе се преместени во привремени засолништа.

Повеќе од 5 милиони луѓе се загрозени од олујата, која Заедничкиот центар за предупредување од тајфуни, чие седиште е на Хаваите, ја означил како супертајфун, кој со себе носи подеднакво силни ветрови, со јачина еднаква на ураган од категорија пет.

Како што било претходно објавено, Мангкут е посилен од ураганот Флоренс, кој го удрил источниот брег на САД.

Претседателот на Филипините, Родриго Дутерте, во четвртокот свикал состанок на Советот за природни катастрофи, на кој било одлучено дека пред ударот на тајфунот ќе бидат преземени вонредни мерки.