Хаос околу вакцините: ЕУ се заканува, Шведска престана да му плаќа на Pfizer, се јави и AstraZeneca

195

Европската Унија вчера ги повика фармацевтските компании да го одржат својот збор за испорака на вакцинте против коронавирус среде серија намалувања и доцнења во снабдувањето, додека се рушат надежите за брзо сузбивање на пандемијата со COVID-19.

Светот, желен за обнова на економијата и патувањата, го поздрави исклучително брзиот развој на вакцината како најдобра можност да се запре пандемијата што однесе повеќе од 2,1 милиони животи.

Сепак, вакцинацијата во ЕУ е бавна во споредба со некои други земји и се соочува со проблеми, особено во врска со нарушувањата во синџирот на снабдување.

AstraZeneca, која ја разви својата вакцина заедно со Универзитетот во Оксфорд, ѝ соопшти на Европската Унија дека не може да ги исполни договорените цели за испорака до крајот на март. Pfizer соопшти дека ќе има привремено забавување на снабдувањето од крајот на јануари до почетокот на февруари.

Фон дер Лајен: Мора да ги испорачате вакцините

„Европа инвестираше милијарди за да помогне во развојот на првите светски вакцини против COVID-19, за да се создаде вистинско глобално општо добро“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на виртуелниот состанок на Светскиот економски форум (СЕФ).

„И сега компаниите треба да ги испорачаат. Тие мора да ги почитуваат своите обврски.“

Земјите-членки на ЕУ би можеле да ја тужат AstraZeneca за прекршување на договорите за снабдување ако не се усогласи со планот за испорака, рече министерот за надворешни работи на Латвија, Едгарс Ринкевикс.

„Оваа можност треба да се разгледа и координира меѓу членките на ЕУ“, рече министерот за Reuters преку неговиот портпарол.

Секоја земја-членка на ЕУ има посебен договор за набавка со компанијата.

Германскиот министер за здравство ги поддржа предлозите на ЕУ за воведување ограничувања на извозот на вакцината против COVID-19, велејќи дека Европа треба да има свој „фер удел“.

„Можам да разберам дека има проблеми во производството, но тогаш мора да ги погоди сите подеднакво“, рече министерот за здравство Јенс Спан за телевизијата ZDF.

AstraZeneca објави дека првичните испораки на вакцини во Европската Унија нема да ги достигнат целните количини поради доцнењето во производството.

„Почетните количини ќе бидат помали од првичните предвидени заради намаленото фабричко производство во рамките на нашиот европски синџир на снабдување“, рече портпаролот на компанијата во изјавата во петокот, без да даде детали.

Причина за загриженост

AstraZeneca понуди испорака на ЕУ во февруари, но не појасни можно пренасочување на дозите од Велика Британија, изјавија вчера официјални претставници на ЕУ за Reuters.

Секој потег за ограничување на извозот во Велика Британија, која неодамна ја напушти ЕУ, би ја загрозил целта за имунизација на најранливите групи до средината на февруари, рече шефот на Националната здравствена служба на Англија (NHS) Симон Стивенс.

Стивенс им порача на пратениците „дека ако се случи нешто такво, тоа ќе биде причина за загриженост“.

Шведска ја прекина исплатата

Шведска привремено ги прекина плаќањата кон Pfizer за вакцината и бара појаснување за количината на достапни дози во секое шишенце, објави вчера дневниот весник Dagens Nyheter.

Шведска сака да го знае бројот на дози што ќе ѝ дојдат за плаќање, откако Pfizer пресмета шест дози во секое шише наместо договорените пет, пишува весникот.

Од шведското претставништво на Pfizer одбија да го коментираат текстот на Reuters, но за Dagens Nyheter беше изјавено дека се наплаќаат шест дози по шише вакцина.

Лидерот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус минатата недела го нарече нееднаквиот пристап до вакцината „катастрофален морален слом“, повикувајќи ги државите и производителите да дистрибуираат вакцини порамноправно низ целиот свет.

Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса во вторникот ги повика богатите земји да не ја складираат вакцината, велејќи дека светот треба да се бори против пандемијата со заеднички сили.

„Богатите земји во светот набавија големи количини на дози“, рече Рамафоса на виртуелен состанок на СЕФ. „… Некои земји набавија дури четирипати повеќе отколку што им треба на нивното население… со исклучок на други земји“.

AstraZeneca направи мала отстапка за ЕУ

По хаосот, AstraZeneca ѝ понуди на Европската Унија да испорача поголем број дози од својата вакцина во февруари.

Две европски официјални лица за Reuters изјавија дека AstraZeneca на двата вонредни состаноци одржани вчера понудила да продолжи со испорака на 7 февруари, наместо првично закажаниот термин 15 февруари.

Еден извор изјави за Reuters дека AstraZeneca исто така го зголеми бројот на дози на вакцини закажани за испорака во февруари, во споредба со намалувањата објавени претходно оваа недела, но компанијата не ги објави своите планови за март.

Друг европски официјален претставник директно вклучен во разговорите рече дека нема понуда за зголемување на бројот на дози.

AstraZeneca го одредува бројот на дози на квартално ниво. Затоа, зголемувањето во февруари, ако не е придружено со зголемување во март, не може да значи дека вкупниот број на ниво од три месеци ќе биде поголем.