Голема евакуација во Австралија поради пожарите: Пожарникарите и натаму се борат со огнот, кризата би можела да трае со месеци

666

Илјадници туристи побегнаа денес од австралискиот источен брег кој е погоден од големи шумски пожари, а истовремено војската започна да ги евакуира луѓето заробени на јужниот брег.

Падот на температурите од вторникот им помага на пожарникарите во справувањето со огнената стихија, како и на граѓаните во тоа да ги обноват своите залихи.

Голем број на автомобили формираа долги колони на бензинските станици и пред супермаркетите, а сообраќајниот метеж предизвика колапс на повторно отворениот автопат.

Како што најавуваат австралиските власти, влошување на временските услови се очекува во сабота кога ќе се засилат ветровите, а температурите ќе пораснат, со што ќе се создадат идеални услови за ширење на пожарите.

Властите на Нов Јужен Велс им наложија на туристите да ја напуштат зоната од 250 километри долж јужниот брег на земјата. Државниот министер за сообраќај, Ендру Констанс изјави дека тоа било „најголемото масовно преселување на луѓето од регионот кое некогаш е видено“.

Во Викторија каде само во текот на оваа седмица изгореа 68 домови, војската им помагаше на луѓето кои бегаа од огнената стихија. Им била доставена храна, вода, гориво и медицинска помош, додека брод на воената морнарица евакуирал околу 500 луѓе од крајбрежен град.

„Веруваме дека таму има околу 3 илјади туристи и илјада локални жители. Нема сите да сакаат да си одат, но не може ниту сите одеднаш да бидат евакуирани со брод“, изјави премиерот на Викторија, Денијел Ендрус.

Околу 5 милиони хектари земјиште досега е изгорено во пожарите, најмалку 17 лица го загубија животот, а повеќе од 1,300 домови се уништени. Премиерот на Австралија, Скот Морисон изјави дека кризата веројатно ќе трае со месеци.

Поради чадот од пожарите, квалитетот на воздухотво престолнината Канбера денес е најлош на светот во индексот на рангирање, а ветровите го носат чадот дури и до Нов Зеланд.