ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ ЌЕ БИДЕ КЛИНИЧКА БОЛНИЦА, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ВЕНКО ФИЛИПЧЕ

82

Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје ќе прерасне во Клиничка болница, најави министерот за здравство Венко Филипче. Тој во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека според капацитетот, експертизата на кадарот, бројот на пациенти, дијагностиката и интервенции на повреди и болести, оваа болница е врвна високостручна здравствена установа.

Во Министерството за здравство болницата доставила елаборат со кој се бара подигање на стручно-научното ниво од секундарно во терцијарно здравство бидејќи во неа има кадар што ги исполнува условите и за наставно научна дејност.

„8 Септември“, иако се вика „градска“ во права смисла на зборот e државна болница, бидејќи пружа здравствени услуги на населението од цела Македонија, па и од странство. Дури има нелогичности – поради својот капацитет и експертизата на кадарот тука се препраќаат пациенти од други клинички болници во државата кои според местото што го имаат во системот во јавното здравство би требало да нудат постручни услуги.

“Не сум јас виновен што во 2010 година кога се правела трансформацијата на Воената болница во јавно здравство некој не го имал тоа на ум и болницата ја оставил да биде на ниво на обична градска болница“, вели директорот на болницата Кристијан Костов кој верува дека ковид кризата го одложила предложеното унапредување на „8 Септември“ во клиничка болница.

Но, токму ковид кризата го актуелизираше прашањето за статусот на ГОБ „8 Септември“ во системот на јавното здравство. Бившата Воена болница од 15 март минатата година е главен државен ковид центар. Според директорот Костов, до денеска се регистрирани 16.000 прегледи и 3.000 хоспитализации само за ковид пациенти.

Болницата од почетокот на коронакризата, речиси цела година го носи најголемиот товар во згрижување и лекување на најтешките случаи со компликации од ковид-19 кои тука се препраќаат од другите клиники и болници. И сега, кога бројот на хоспитализации е намален има денови кога во „8 Септември“ се примаат повеќе пациенти отколку на Инфективната клиника, иако во меѓувреме болницата, според директорот остана само со еден инфектолог, откако шефицата на Инфективното одделение кое брои 35 легла си замина во приватна болница.

Во моментов таму се лекуваат 90 пациенти со компликации од ковид-19.

„Практично, ние сега функционираме како две болници што ја опслужуваат цела држава – едната е како ковид центар, а другата класична болница“, вели Костов. „Имаме два ургентни центри, две одделенија за интензивна нега, еден за позитивни, друг за негативни ковид пациенти и секојдневно правиме по 15 операции во хируршките сали, со полна пареа функционира и лабораторијата, работат двете сали за физикална медицина, а болницата изминативе месеци е и главна клиника за неврологија, откако Клиниката за неврологија во „Мајка Тереза“ стана Ковид-центар“, објаснува директорот на болницата.

На 7 септември лани, на одбележувањето на 10-годишнината од ставањето на поранешната Воена болница во системот на јавно здравство и именувањето во Градска општа болница „8 Септември“, министерот за здравство Венко Филипче изјави: „Сакам да им порачам на колегите да бидат горди на својата работа, да се горди на институцијата во којашто работат“, најавувајќи дека се работи на измена на посебниот колективен договор со кој ќе се зголемат процентите за дежурства на сите вработени во оваа болница.

Во понеделникот група доктори интернисти кои ги одржуваат неколкуте ковид одделенија протестираа во знак на револт од неисполнетите ветувања за зголемување на надоместокот за дежурства. Од Министерството за здравство соопштија дека министерот се сретнал со директорот на ГОБ „8 Септември“ Кристијан Костов и претставници на Синдикатот по што било договорено вредноста на дежурствата во ковид одделенијата во ГОБ ‘8 Септември’ да се зголемат за околу 35%, со што посточеката вредност на дежурствата од 96%, со измените би достигнале до 130%“.

Но, зголемувањето на надоместокот за дежурства е ад-хок решение кое ќе биде актуелно само додека има ковид пациенти. „Вистинското решение за статусот на сите колеги во ГОБ „8 Септември“ ќе биде кога оваа болница ќе прерасне во клиничка болница и ќе си го добие местото во здравствениот систем што одамна го заслужува“, вели министерот Филипче.

За потребата „8 Септември“ да се унапреди во клиничка болница зборуваше и д-р Сашо Стојчев кој беше директор на болницата од 2009 до 2017 година. Тој предлагаше болницата да прерасне во Градски универзитетски клиничко-болнички центар. Во интервју за САКАМДАКАЖАМ во јуни минатата година Стојчев рече дека до 2017 година болницата ги спонозирарала сите докторски студии кај лекарите кои ги прифатиле условите на финансирање и дека во тоа време болницата имала повеќе од 25 докторанди, сè со намера да се покачи стручно-научното ниво за да прерасне во „8 Септември“ – Градски универзитетски клиничко-болнички центар.